Во февруари 2011 година OhridNews реализираше две емисии со реномираниот охридски археолог Владо Маленко, кој почина пред два дена на 75-годишна возраст. Во видео интервјуто, познатиот археолог отворено зборуваше за професијата, за вредното културно историско богатство и историја кои ги крие Охрид. „Културното богатство пронајдено на територијата на Охрид непобитно сведочи за историјата на македонскиот народ. За жал дел од тоа национално богатство е мета на организирани групи и поединци кои со цел да приграбат материјална корист го изнесуваат од земјата и го продаваат на нелегалниот пазар на артефакти. Штетата која тие ја прават е голема, но науката продолжува да ги истражува слоевите охридска земја откривајќи траги од цивилизациите кои живееле на овој простор со милениуми“, ќе рече Владо Маленко во првиот дел од интервјуто за OhridNews.
Во вториот дел од „Охридските разговори“, археологoт Владо Маленко зборува за митовите и легендите за богатство по кое многу се трагало и се трага во Охрид, но и за големата историска вистина која ја крие Љубанишко поле, каде сега се планира изградба на луксузен туристички комплекс. Токму таму на локалитетот Манастириште, Владо Маленко пред повеќе децении пронашол исклучително вредни археолошки наоди кои фрлаат нова светлина на историјата.
„Охридски разговори“, за жал беа последното видео интервју што OhridNews го реализираше со археологот Владо Маленко кој остави силен белег во својата професија, на која и го посвети целиот свој живот.
Г.М.