Во присуство на голем број фудбалски работници, гости, новинари , претставници на Владата на РМ,   градоначалниците на град Скопје и о.Аеродром,  комплетната А-фудбалска репрезентација на Македонија на чело со селекторот Џон Тошак,  во атарот на Ново Лисиче  беше свечено поставен камен –темелникот на новата административна зграда на ФФМ  која ќе биде со површина од 4000 метри квадратни а заедно со  четирите терени и мини стадионот со капацитет од 3000 места ќе го сочинуваат фудбалскиот комплекс на овој простор.


Камен темелникот го поставија  директорот на Агенцијата за млади и спорт, Лазе Поповски, потоа градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на о.Аеродром Ивица Коневски и  претседателот на ФФМ , Хари Хаџи-Ристески.

Сите тие во своите говори го поздравија овој проект  и го истакнаа неговото значење не само за развојот на фудбалот во Македонија , туку и за градот Скопје и општината Аеродром.

– Македонија изобилува со фудбалски таленти, но недостасува инфраструктура и терени за да ги научат правилно тајните на големиот фудбал.  Се надевам дека изградбата на овој Тренинг центар ќе биде поттик за клубовите и другите градови во Македонија да започнат изградба на вакви центри кои понатаму ќе прераснат во фудбалски академии со што ќе го подигнеме квалитетот на фудбалот во Македонија на посакуваното ниво-истакна претседателот на ФФМ, Хари Хаџи-Ристески кој им се заблагодари на  УЕФА, градот Скопје, о.Аеродром и пред се Владата на РМ и премиерот Никола Груевски за огромната помош во изградбата на овој проект.

Четирите терени се веќе во завршна фаза , а се очекува  Куќата на фудбалот да биде завршена за 12-15 месеци. Целиот проект заедно со мини-стадионот ќе чини 4 милиони евра.

Ohridnews