Попладнево во градскиот парк, пред рибниот ресторан беше поставен камен темелникот на постаментот, на кој наскоро ќе биде поставен споменикот на Свети Наум Охридски Чудотворец.

Честа да го започнат поставувањето на камен темелникот ја имаа градоначалникот Александар Петрески и претседателот на Одборот за изградба на споменикот, Јоне Станковски, а на чинот присуствуваа и претставници од локалната самоуправа.


– По изминати 20 години, со поставувањето на ова спомен обележје, во целост се реализира идејата на академик Цветан Грозданов- на  охридскиот плоштад да бидат поставени трите споменици, на Свети Кирил и Методиј, свети Климент и Свети Наум . Ние како локална самоуправа ги донесовме сите потребни одобренија за поставување на споменикот, а министерството за култура финансиски ја подржа идејата. Академик Томе Серафимоски направи грандиозен споменик , кој по квалитет и големина не се разликува од спомениците што ги ставаат во Скопје, но чини многу помалку пари, рече Петрески.


Изработката на споменикот е завршена и тој се наоѓа во леарницата “Јеремиќ” во Белград, каде беше излеан.

– На 29- ти јуни споменикот ќе пристигне во Охрид, а најдоцна 2 јули ќе биде поставен на постаментот. Свеченото откривање ќе се случи на летниот празник Свети Наум, на 3 јули. На добра волја на скулпторот, академик Томе Серафимоски,  со излеаниот споменик од Белград ќе стигне и гипсената фигура врз чиј примерок беше правен споменикот. Гипсената фигура ќе биде подарок за општина Охрид и најверојатно ќе биде поставена во комплексот Св Наум, информира Станковски.

Споменикот на Свети Наум Чудотворец, заедно со постаментот, е висок пет метри. За неговата изработка ќе бидат платени 160. 000 евра.

Т. К.