Во присуство на претставници на државниот и црковниот врв во државата, како и на голем број верници во центарот на Скопје, денеска, беше поставен и осветен камен – темелникот на храмот „Св. Константин и Елена“, пренесува „Макфакс“.


„Храм се гради кога во себе се носи храмот, кога се живее според законите и според заповедите на верата, а се урива кога храмот ќе исчезне и ќе се одѕида од душата на човекот. Ако за ова бараме сведоштво најдобро ќе го најдеме во храмот подигнат во чест и спомен на рамноапостолните Константин и Елена во Скопје“, рече поглаварот Стефан.

Потсети дека пред Првата светска војна, Храмот посветен на светите Константин и Елена бил почнат да се гради и дека бил изграден во целост по завршувањето на војната во 1926 година.

Во земјотресот од 1963 година овој храм бил оштетен, а тогашните власти не сакале да го возобноват туку во седумдесеттите години на минатиот век се одлучиле објектот да биде миниран и целосно урнат.

На неговото место потоа бил изграден еден дел од Градскиот Трговски центар.

По одлуката на Владата да се изгради објект во спомен на некогашниот храм, било изготвено целосно решение, а тоа решение, ќе биде искористено за изградба на храмот сместен веднаш до Спомен куќата на Мајка Тереза во центарот на Скопје.

Пред поставувањето на камен- темелникот Поглаварот на Македонската православна црква Архиепископот Охридски и Македонски Господин господин Стефан и премиерот Груевски ја потпишаа повелбата за изградба на храмот во чест на Светите Константин и Елена.

OhridNews
извор:„Макфакс“