Иако во изминатиот период побарувачката за купување на станови во Охрид беше драстично намалена, од агенциите за недвижности информираат дека заинтересираноста кај граѓаните постепено се зголемува.
Охриѓани најчесто се одлучуваат за помалите станови до 55м2, а цената во зависност од местоположбата варира. Така во централното градско подрачје, цените се движат од 900 до 1100 евра за метар квадратен, додека во периферните делови цената е неколку стотини евра пониска.
„Кога зборуваме за централното подрачје се мисли на строгиот центар во Охрид. Цените во моментот варираат, со оглед на тоа што понудата е зголемена, а заинтересираноста во изминатиот период беше намалена. Во центрaлниот дел се нудат станови за продажба од 900 до 1100 евра квадрат, без оглед дали станува збор за половни или нови. Во другите региони, како на пример во „Охридатите“ или „Билјанини Извори“ цените во просек се движат од 650 до 1000 евра за метар квадратен.“ – вели Никола Иванчиќ од Агенцијата „Наш Ваш Дом“.
Од оваа ангеција сметаат граѓаните треба да бидат внимателни при купувањето на станови, а потребно е да добијат комплетна имотно-правна информација и заштита. Иванчиќ најостро ги осудува последните измами кои ја потресоа македонската јавност, а според него проблемот лежи во дивите препродавачи на станови.
„Се надеваме дека новата локална власт ќе овозможи услови да се привлечат потенцијалните купувачи кои во изминатиот период ги изгубивме. Еден апел до купувачите да се научат дека постојат официјални агенции, а не да се обраќаат кај „новокомпонираните“ по разни основи. Исто така потребно е да добијат комплетна информација за имотната состојба и правна заштита, за да не се случат работи како со фризерката во Скопје.“ – додава Иванчиќ.
Тој очекува надлежните институции да се справат со дивите препродавачи на станови кои штетат не само на интересите на градот, туку и на целата држава.
„Имаме проблеми со работењето на диво, кое оди против државата. Многу луѓе доаѓаат од страна, кои што налетуваат токму на тие диви препродавачи. Треба на одреден начин, инспекциските служби да ги пронајдат и со пријави и ригорозни казни истите да ги санкционираат. Оние купувачи кои ќе бидат излажани, уште еднаш нема да дојдат во нашиот град, а со тоа губиме сите ние. Авторитетот треба да се гради, а единствениот излез е да се најде форма и начин за заштита.“ – вели Иванчиќ.
Од оваа агенција велат дека побарувачката на станови може двојно да се зголеми со намалување на цените, кои во однос на соседните земји се прилично високи.
„Ние немаме понуда на ексклузивни станови кои ги бараат американските клиенти. Инвеститорите нека се информираат колкави се цените на море во соседните земји. Ние не можеме да се споредиме ниту со Скопје, бидејќи таму постои економска оправданост. Потребно е да се одлучи дали градот ќе го правиме туристички или станбен. Исто така мора да се контролира изградбата, и да не се дозволува да се гради се и сешто насекаде како во минатото.“ – велат од Иванчиќ.
Тој се надева дека со формирањето на најавениот Економски локален совет, ќе биде зголемена побарувачката на станови, а продажбата ќе биде подобра.
„Се надеваме дека со новата локална власт ќе отпочне формирањето на доглоочекуваниот Економски совет во кој ќе учестуваат луѓе кои ќе бидат посветени на своја работа. Исто така, се надеваме дека ќе се решат проблемите со дивите препродавачи, а со тоа ние како агенции, ќе можеме да вработиме млади кадри кои ќе бидат иднината на овој град.“ – вели Иванчиќ.
О.Т.