Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА вeчерва во Клубот на пратениците го потпиша договорот со кој предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 11 декември.

Според договореното, идната влада што ќе ги организира изборите треба да биде избрана на 2 септември, односно 100 дена пред одржувањето на изборите.

Исто така, 100 дена пред изборите информативната програма на МТВ ќе добие нов уредник, односно Санта Аргирова, чиј мандат ќе трае до завршувањето на изборниот процес.

Таа изјави дека ќе се залага за непристрасно и професионално следење на изборниот процес од страна на МТВ, како и еднакви можности за сите партии. Аргирова уште рече дека е убедена оти државната телевизија овојпат за работењето во предизборието ќе добие позитивни оценки од страна на меѓународниот фактор.

На денешната лидерска средба беше договорено уште дописникот на МТВ од Гостивар Љуљзим Хазири да биде петтиот член во ад-хок телото за медиуми, со што беше отстранета и последната пречка за утврдување на 11 декември како датум на кој ќе се одржат предвремените избори.

Претходно лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски рече дека тие ги прифатиле сите предлози на СДСМ, со цел конечно да се одржат изборите и оваа партија повеќе да не наоѓа изговори за избегнување на изборното соочување.

Од друга страна, претседателот на СДСМ Зоран Заев со краток коментар на фејсбук: Македонија победува!, напиша Заев.

OhridNews
извор: „Макфакс”