Постои обид за искривување на историските факти поврзани со Охридско-дебарското востание што пред 100 години заеднички го кренале жителите Македонци и Албанци и негово прикажување како бугарско, реагираат научните работници. Дел од нив сметаат дека насместо да се поставуваат еднонационални обележја, како тие во струшко, овој значаен историски настан Македонците и Албанците треба заеднички да го одбележат. За Охридско-дебарското востание, за прв пат денеска во Охрид заеднички дебатираа историчари Македонци и Албанци на научната конференција што се одржа во организација на Институтот за национална историја, Државниот архив и Институтот за културно и духовно наследство на Албанцита во Македонија.
Охридско – дебарското востание кое било подигнато од жителите Македонци и Албанци од овие краишта во септември 1913 година против тогашната српска војска има исклучително историско значење и неправедно било маргинализирано во минатото кога од разни, пред се идеолошки причини овој настан останал заборавен во архивите, сметаат научните работници.
-Последните 100 години овде во Македонија и бивша Југословија се беше искривено, фалсификувано и сега имаме можност да се соочат историчарите Албанци и Македонци и согласно историските факти од историските архиви кои беа затворени за нас, ќе може да се каже вистината.-изјави Шефќат Зеколи од Институтот за културно и духовно наследство на Албанцита во Македонија.
Но не сите сакаат да ги чујат историските факти. Пред десетина дена историчари Албанци и Бугари без присуство на колегите Македонци на собир во Струга дискутираа за Охридско-дебарското востание, кое било прикажано како албанско – бугарски бунт.
-Ниту една официјална институција од РМ не беше поканета на тој настан. Не знаеме во чија организација било тоа и која било целта, но во секој случај ние не стоиме за тоа, она што денес ние ќе го кажеме ќе биде академски, од научен аспект и без политизирање на настанот.-рече Драги Георгиев – директор на Институтот за национална историја.
Македонската научната јавност посочува дека не е прв пат здруженија од Бугарија да се обидуваат да ги искриват историските факти, а според неа непримерен потег претставува и откривањето на еднонаципоналните спомен обележја во струшко од страна на претседателот на Албанската академија на науките.
-Ако се има предвид дека самите учесници, предводници на востанието се Милан Матов, Петар Чаулев, Петар Стојанов од овој крај, па тие Бугари или Македонци се? Самите знаете, и знаеме кои се и што се, без разлика што се пишува во документите. Избрзана реакција беше и подигнувањето на овие спомен плочи и сметам дека се што е изградено во спротивност со законот за споменици и е дивиоградба треба да се сруши. – истакна Зоран Тодороски – директор на Државниот архив во Македонија.
Научните работници сметаат дека треба да се подигне заеднички споменик посветен на Охридско-дебарското востание, со што достоинствено ќе им се оддаде почит на околу 2500 жртви кои настрадале во војните дејствија на српската војска во 1913 година во овие краишта, при што биле запалени 180 села со околу 2000 куќи.
На 27ми септември во близина на магистралата која води до граничниот премин Ќафасан, на иницијатива на месните заедници од селата Теферич и Радолишта, беше откриена спомен плоча во спомен на народното востание што заеднички го кренале жителите Албанци и Македонци од струшко и охридско против српската војска во 1913 година, испишана само на Албански јазик. На свеченоста имаше обележја само на албанската етничка заедница. Покрај во Теферич, спомен обележја на албански јазик по повод 100-годишнината од народното востание против српската војска беа откриени и во селата Радолишта, Мислодежда и Корошишта.
Горан Момироски