Деновиве, на заеднички штанд со Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина и Албанија, македонската Агенција за промоција и поддршка на туризмот за прв пат има можност да ги презентира македонските потенцијали на Саемот за кампинг-туризам што се одржува во Дизелдорф.

Презентацијата на македонската туристичка понуда е реализирана со поддршка на германската Влада, со цел презентација на регионот како атрактивна дестинација за кампинг -туризам пред германските туристи. Според информациите од Агенцијата за промоција и подршка на туризмот, во тек е изработка на заедничка брошура за камповите што ќе се дистрибуира до потенцијалните туристи.

Како дел од проектот на германската влада за подршка на кампинг- туризмот во Западен Балкан, во септември минатата година, во Охрид и регионот престојуваа експерти кои имаа можност да ги посетат камповите во Охрид и Струга и да се запознаат со условите кои тие ги нудат. При тоа, од нивна страна беше укажано дека без соодветна промоција, добра санитарна инфраструктура и редовно одржување на хигиената не може да се развива успешен кампинг туризам.  За Автокамповите на Охридското крајбрежје тие посочија дека имаат основна инфраструктура потребна за развој на кампинг- туризмот, но дека е потребно и нивно понатамошно осовременување доколку се сака да се привлечат туристите од европски пазар. Особено осовременување на санитарните јазли, како и подобрување на хигиената во објектите и околината.

OhridNews