Министерот Оливер Спасовски и министерот за внатрешни работи на Република Косово Екрем Мустафа, денеска во Приштина потпишаа Договор за реципрочно признавање на возачките дозволи меѓу Македонија и Косово и Меморандум за соработка од областа на внатрешната контрола.
Двете држави реципрочно ќе ги признаваат возачките дозволи на возачите кои имаат законски престој на територијата на едната или другата држава. Воедно, граѓаните кои имаат регулирано престој ќе можат, без обврска за полагање теоретски и практичен дел од возачкиот испит, да ја заменат својата возачка дозвола за возачка дозвола од истата категорија и поткатегорија на другата држава. При исполнување на ова свое право граѓаните ќе треба да ја почитуваат административната процедура согласно пропишаните национални законодавства на двете држави.
Ваков договор пред неколку месеци беше потпишан со Сојузна Република Германија, а претходно и со Италијанската Република, Кралството Шпанија, Република Албанија, Република Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. Освен со овие држави, во тек е процедурата за потпишување договор за признавање и замена на возачки дозволи и со Република Турција, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, кои претставуваат приоритет на Министерството за внатрешни работи, со оглед на фактот дека голем број македонски државјани живеат и работат во тие држави.
Во насока на унапредување на соработката во полициското работење, двајцата министери потпишаа и Меморандум меѓу двете Министерства за внатрешни работи за зајакнување на соработката од областа на внатрешната контрола.
OhridNews