Министерот за економија на Република Македонија, Беким Незири и министерот за енергетика и индустрија на Албанија, Дамиан Ѓикнури,денес, во Струга остварија работна средба на која беше потпишан меморандум за соработка меѓу двете држави во областа на енергетиката. Како што истакна македонскиот министер за економија, со потпишувањето на меморандумот, се потврдуваат и продолжуваат добрососедските односи меѓу Македонија и Албанија и дека позитивните резултати се очекуваат во најскоро време.

– Потпишувањето на овој договор ги потврдува сегментите на соработка во сферите на енергетска ефикасност, нафта и нафтени продукти, производство на електрична енергија преку мали хидроелектрани и ветерници. Преку потпишувањето потврдуваме дека ваквата соработка ќе продолжи и понатаму, изјави Незири.

Македонскиот министер потсети на потпишаниот договор на МЕПСО и ЕБРД за кредит за изградба на интерконективната врска  меѓу Македонија и Албанија, однсно поврзување со интерконективна врска со 400 киловолтна линија меѓу двете земји.

– Соработка во енергетскиот пазар имаме со Бугарија и со Србија, а со интерконективната врска со Албанија, проект кој треба да се реализира до 2018 година ние Република Македонија ја правиме алка во регионалниот енергетски пазар, рече Незири.

Албанскиот министер за енергетика и индустрија Ѓикнури по средбата информира дека двете држави имаат извонреден прогрес за реализација на проектот за изградба на интерконекцијата Битола – Елбасан и очекува дека во 2017 година ќе има конкретни чекори.

OhridNews