Потпишан меморандум за соработка на Општина Охрид и Градежниот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Градоначалникот, Кирил Пецаков и деканот на факултетот проф. д-р Златко Србиноски, денеска во Охрид со потпишувањето на меморнадумот се обврзаа на развој на стратешки документи, студии, анализи и трансфер на знаење од областа на градежништвото, хидротехниката, геодезија и геотехничкото инженерство, информираат од Општина Охрид.

Соработка во реализација на заеднички проекти од различни сфери на интерес на двете страни и нивно аплицирање пред домашни, европски и други фондови за финансирање на проекти. Организирање и реализација на практична настава и овозможување на кариерно унапредување за студентите од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – Градежен факултет.  Стипендирање на студенти од прв и втор циклус на студии чие поле на интерес е во делокругот на работа на втората страна потписничка, велат во соопштението.

Додаваат дека со меморандумот се предвидува и соработка при дефинирање на теми за дипломски, магистерски и докторски трудови во рамките на образовниот процес на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје – Градежен факултет, а кои се во интерес на потписниците, како и различни облици на научна, истражувачка и техничка помош, воспоставување на контакти и презентација на договорените страни пред домашни и странски субјекти, но и организирање на тркалезни маси и размена на искуства.

Според потпишаниот Меморандум, истакнуваат во соопштението, активностите и соработката не предизвикуваат никакви финансиски импликации и ги почитуваат правилата и прописите воспоставени од страните потписнички.

OhridNews