Потпишан меморандум за соработка помеѓу Општина Охрид и Правниот факултет во Кичево, единица на Универзитетот „Св. Климент Охридски” од Битола.

Меморандумот беше потпишан од страна на градоначалниот Кирил Пецаков и деканот на факултетот проф. д-р Светлана Вељаноска, а целта е воспоставување на долгорочна научно-стручна, образовна и апликативна соработка помеѓу двете институции, информираат од Општина Охрид.

Меморандум предвидува соработка во едукативни процеси преку ангажирање на експерти од практиката за реализација на практична настава за студентите и учениците во зависност од расположливите можности. Меморандумот опфаќа реализација консултации, вклучување на експерти во исполнувањето на теоретските содржини на студиските програми, воспоставување на контакти и заедничка презентација пред домашни и странски субјекти како и организирање на тркалезни маси и размена на искуства на разни панели, трибини и дискусии, се наведува во соопштението.

Градоначалникот Пецаков и проф. д-р Вељаноска разговараа за актуелните аспекти на високото образование и можностите за осовременување на условите за настава.

Соговорниците заеднички изразија надеж дека воспоставената соработка помеѓу двете институции ќе вроди конкретни и квалитетни проекти, кои ќе дадат придонес во современиот развој на Охрид и останатите населени места од Југозападниот регион на Република Македонија.

OhridNews