Градоначалникот Никола Бакрачески и директорката на НУ „Охридско лето“, Елизабета Јанкулоска, денес, потпишаа меморандум за соработка, што официјално го означи почетокот на заложбите на општина Охрид и националната установа за заедничка промоција на културниот развој на градот и успешна реализација на фестивалот.

Како што истакна директорката Елизабета Јанкулоска, соработката и поддршката од локланата самоуправа, значи повеќе прекрасни сценски простори, и поуспешна презентација на културното наследство.

 

–    Ќе направиме Охридско лето  да работи преку целата година. Заеднички ќе реализираме многу активности за презентација на македонската  култура,  фестивалот и убавините на градот, изјави Јанкулоска.

Градоначалникот Бакрачевски истакна дека од меморандумот  ќе произлезат значајни активности и програма за понатамошната соработка помеѓу Општината и Охридско лето.

-Сакаме да ги дефинираме активностите кои ни претстојат со цел подобра презентација на најголемиот  музички настан во Охрид и Македонија. Во изминативе 2,5 месеци со  директорот на Охридско лето и со службите на општината  имавме состаноци на кои ги дефиниравме начините на соработка и механизмите за имплементација на организацијата, истакна Бакрачески.

Установата и Општината ветија дека наредниот период ќе се стремат да го оправдаат епитетот на градот- најголемиот културен и духовен  центар во Македонија.

OhridNews