Потпишан Меморандум за соработка помеѓу ООУ „Св.Наум Охридски” – Пештани и НУ Завод и Музеј Охрид.

Директорката на училиштето, професор Валентина Рубаноска, посочува дека ООУ „Св.Наум Охридски” ја препозна важноста за образовна едукација во сегментот на заштитата и презентацијата на природното, културното и духовното наследство на Охрид и одговорноста кај најмладите од аспект на зачувување и промоција на културните вредности.

Во тој контекст партнерството со потпишувањето на Меморандумот за соработка ќе отвори нови образовни и културни хоризонти за едукација на Наумовите ученици.  Меморандумот ќе биде силен мотив за ученичко партнерство и вмрежување во идни креативи, во чиј фокус ќе биде древниот Охрид, градот на УНЕСКО. Инвентивните креативни практики со најинспиративните пораки ќе ги претстават Наумовци како идни културни и духовни амбасадори на Охрид и училиштето кое гордо и достоинствено го носи името на светиот рамноапостолен Наум Охридски, истакна Рубаноска.

М- р Горан Патчев, директорот на НУ Завод и Музеј Охрид, ја нагласи потребата од меѓуинституционална соработка со училиштето.

Заедничките активности ќе се развиваат со активно вклучување на најмладите во програмски активности, интерактивни креативни работилници, посети на археолошки локалитети, истражувачки проекти преку тимска соработка со цел децата од најрана возраст да се запознаат со репрезентативното културно наследство на Охрид, посочи Патчев.

OhridNews