Како што истакна министерот Јанакиески, спогодбата има за цел промовирање на меѓународниот воздушен сообраќај врз основа на законите за конкуренција, со минимално мешање на државната регулатива, со што би се овозможило патниците да имаат поголеми можности и избор на услуги. Со тоа би се поттикнале и авиопревозниците на двете земји да формираат иновативни и конкурентни цени на услугите, а во исто време да се обезбеди највисок степен на безбедност во воздушниот сообраќај.
Потпишаната спогодба претставува либерален концепт кој предвидува слободна пазарна конкуренција, без рестрикции по однос на линиите, бројот на авиопревозници кои ќе го вршат сообраќајот, капацитетот, фреквенциите и типовите на воздухоплови.
– Исто така, со спогодбата им се дава право на авиопревозниците одредување на тарифите согласно пазарните услови, и предвидува сообраќајот да можат да го вршат кои било превозници без претходна дезигнација. Таа ќе се однесува како на редовниот сообраќај, така и за чартер линиите, и истата отвора можност за влегување на авиопревозниците во комерцијални аранжмани во смисла на поделба на капацитетот, рече министероот Јанакиески.