Четирите ЈП-ја и понатаму покажуваат загуби во работењето за разлика од ЈП Нискоградба и ЈП Градски гробишта рече советничката од Левица, Виолета Аврамовска на последната седница на Совет информирајќи дека на 18 мај 2022 година во рамките на нејзините ингеренции како советник поднела барање до Државниот завод за ревизија со цел да се изврши ревизија во ЈП-ја кои константно работата со загуба за да се утврдат причините за тоа.
Ако некој го оштетил јавното претпријатие кое припаѓа на сите граѓани, на сите охриѓани, на целиот народ, бидејќи сите ние ги плаќаме тие вработени, тогаш тој треба да одговара, да ги врати парите кои бесправно ги присвоил. Тоа според мене треба да биде санкционирано. Јас побарав ревизија, не за да ги нападнам овие директори, сегашното раководство, туку побарав ревизија за да се утврди работењето на јавните претпријатија наназад, да видиме зошто ЈП-ја се во ваква ситуација во којашто се. И треба да си ја прифатите одговорноста и едните и другите. Да направиме напори сите заедно како советници во заедничка координација со раководителите на ЈП-ја како и други стручни лица, да ги спасиме, да нема зголемување на цените на услугите. Сите заедно да ги утврдиме причините зошто се дошло до оваа ситуација, бидејќи ова не е само овие три месеци, ова е години наназад. Не знам зошто досега не е пронајдено решение за ЈП Водовод кое со години наназад е во ваква ситуација, додаде Аврамовска.
Советничката Живка Ангелоска рече дека основна цел на секоја локална власт кога ќе дојде на власт е да направи подобра функционалност и рентабилност на ЈП-ја, но, многу не се успева на ова поле, бидејќи проблемите се наталожуваат години наназад.
Точно е дека најголем проблем е превработеноста, можеби и структурата не е соодветна. Тие луѓе се таму и треба да им се најде работа. Освен превработеноста, проблем се и заостанатите долгови и каматите. Најлесно е да кажеме ќе ги поскапиме цените. Никој советник не би сакал да гласа за покачување на цените. Но, оваа непопуларна мерка најмалку сакаме да ја носиме и веројатно е неминовно за да се оди кон таква одлука. Но тоа што сметам дека е неминовно да го направат менаџерите во ЈП с помош на советниците и службите е да донесат програми за антикризни мерки, зошто и ако ние треба во Советот да донесеме одлука за поскапување мора да имаме една анализа, финансиски показатели да видиме дали треба и колку треба да се поскапи одредена услуга, зошто треба да ги заштитиме и граѓаните. Би предложила секое јавно претпријатие да направи програма со антикризни мерки, колку што можат непродуктивните трошоци да бидат намалени, бидејќи верувам дека секогаш може да се направи подобар план за работа. Ако треба да побараме помош и од централната власт, но прво треба ние да покажеме што ние сме направиле и колку можеме да направиме, па дури накрај ако треба да се оди и на мерката за зголемување на цените, рече Ангелоска.
Претседателот на советот на Општина Охрид, Сашо Донев истакна дека заедно со градоначалникот на Општина Охрид, ќе се направи едно работно тело кое ќе се посвети поодделно на секое јавно претпријатие, да се види кои се долговите, колкави се каматите, што ќе значи тоа во иднина, бидејќи како што рече, треба тоа што ќе се направи да биде долгорочно.
И на секој што ќе дојде директор на ЈП да му дадеме можност да работи, но и ако направи еден денар долг да си одговара. Како советници ако не реагираме сега и веднаш и да најдеме решение, догодина ќе бидеме доведени во ситуација да ја покачиме цената на водата за пиење за 100%. Бидејќи до 2023 година е оваа цена согласно регулаторна комисија, а 2023 ќе се прави план за наредните четири години и ние како советници ќе треба да гласаме. Цената на водата се формира врз вкупните расходи на јавното претпријатие, ако продолжи да расне цената на електричната енергија и нафтата, а доаѓа лето и пумпите плус ќе трошат, ќе дојдеме во ситуација да мораме да ја поскапеме водата. Сега е време да реагираме бидејќи што повеќе го одолговлекуваме процесот, многу потешко ќе ни биде и на нас како советници и на граѓаните. Во идниот период ќе седнеме сите заедно да поразговараме што ќе правиме во иднина како локална самоуправа, рече Донев.
Како советници, рече Донев, ќе преземе одговорност, но и тие што ќе ги водат претпријатијата ќе имаат одговорност.
Н.С.Ј.














