Потребно е да се направи еден вид на Национална стратегија за зачувување на македонскиот јазик, рече професорката и директорката на Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Весна Мојсова-Чепишевска одговарајќи на новинарско прашање во рамките на отворањето на 55. јубилејна Летна школа на меѓународниот семинар за македонски јазик литература и култура.

При тоа забележа дека државата веќе 30 години нема ваква Стратегија. Во однос на ставовите, пак, од соседна Бугарија дека македонскиот јазик е дијалект од бугарскиот, професорката кажа дека не ги гледа.

За мене тоа ништо не значи, јас сум македонист, јас знам од каде призлегол мојот јазик и знам дека тој се зборувал векови нананзад и дека имал своја литература и одредена култура која што се развивала и во 19 век. За мене секогаш е најбитно тоа ние што работиме, може да зборуваат, да не оспоруваат, но ние мораме да чекориме по оние чекори кои ни ги остави токму Блаже Конески, нагласи Мојсова-Чепишевска.

Еден јазик, вели, кој се конституирал и стандардизирал имал основа за тоа, а дијалектите и народните говори се најголемото богатство што го имаме и оттаму се случува таа стандардизација. Соња Доужан, професорка по хрватски, српски и македонски јазик и литература, која во моментот работи како учителка по словенечки за македонската дијаспора во Словенија ги оцени како многу подли ставовите на Бугарија за тоа дека македонскиот јазик е дијалект.

Како може некој од страна да дојде и да каже дека луѓето тука зборуваат некој друг јазик. Македонците ако велат дека зборуваат македонски, што има Бугарите да кажуваат дека тоа не е македонски. Јас апсолутно ги поддржувам македонците. Го познавам и бугарскиот јазик и можам да тврдам лично дека тоа апсолутно не е ист јазик. Се разликува многу и граматички и лексички, незнам од каде воопшто идеја дека тоа би можело да биде ист јазик. Апсолутно тврдењата на Бугарија се базирани само на политика, нагласи Доужан.

За професорот Максим Каранфиловски нападите не треба да не плашат, бидејќи, ние имаме многувековна историја и се бориме за тоа да го докажеме низ светот.

Мислам дека тоа не треба да не плаши ниту премногу да не возбудува, зошто ние имаме цврсти темели, многу вековна историја и покрај тоа што непријателите тврдат дека ни е кратка историјата. Се бориме со тоа да го докажеме на светот. И овој меѓународен семинар потврдува дека имаме поддршка ширум светот, меѓу славистите. Сметам дека нема потреба да се плашиме и да не фаќа некаков страв дека ќе се случи некакво предавство. Додека постојат говорители на македонски ќе постои и македонскиот јазик. Секако дека треба да одговориме, да се браниме, да се бориме, да ја докажуваме својата вистина. Треба да се вложат напори да се афирмира македонскиот јазик уште повеќе од тоа што е. Не смееме да сме самозадоволни со тоа што сме го постигнале. Ако вложиме напори многу поголема поддршка ќе добиеме во светот. Треба континуирано државата да вложува многу повеќе во вакви активности за афирмација на јазикот, изјави Каранфиловски.

Н.С.Ј.