Една од главните гранки што треба да се развива од економијата е туризмот, но не само оној кој го имаме во Охрид, туку во целиот овој регион вели Валентина Дисоска, претседател на Националната платформа за женско претприемништво која се обрати на денешниот локален форум „Улогата на жените претприемачи во развојот на туризмот“ кој се одржа во Охрид, додавајќи дека има поволности и шанси да се развијат неколку типови на туризам коишто се поволни жените да влезат од страната на бизнисот.

Тука спаѓаат и услужните дејности кои потоа ќе придонесат за развојот на претприемништвото и за развојот на туризмот и да направиме еден цел склоп од институции, приватен и невладин сектор, да ја креираме таа поволна клима што и како да се работи за да се понуди на пазарот туристички производ. Жените може да се занимаваат со селски туризам, градинарски, сакрален туризам, верски, вински, во зависност од тоа што нуди едно подрачје. Треба да креираат свои нови производи во туризмот кои ќе ги продаваат на туристите, затоа што туризмот веќе престане да биде класичен кој вели одиме и седиме десет дена на едно место. Напротив треба да креираме секакви понуди со кои ќе ги анимираме гостите и ќе ги понудиме. Тоа ќе значи и дека секоја една жена во овој регион може да заработи за себе. Во регионот веќе се развиваат различни форми на туризам и според можностите ние треба да ги следиме тие чекори и да го пронајдеме тоа што можеме да му го продадеме на туристот. Да ја снимиме ситуацијата, да ја креираме приказната и после таа приказна да ја претвориме во економска добивка, додава Дисоска.

Милена Грозданоска претседател на Комисија за еднакви можности меѓу мажите и жените и советник во Општина Охрид истакна дека во согласност со светските туристички текови потребно е поголемо и посоодветно планско и стратешко подобрување на условите за развој на нови форми на туризам и креирање на алтернативни понуди за туристите.

На ова поле особено придонес би можеле да дадат жените претприемачи преку развој на креативни бизнис концепти и туристички услуги. За разлика од минатото влијанието на жените во сите сфери од општествениот живот континуирано расте, а жените се повеќе се мотивираат да преземаат иницијатива и сопствените идеи да ги претвораат во реалност. Верувам дека Националната платформа за претприемништво ќе обезбеди креирање на мерки и политики на национално, регионално и локално ниво со кои ќе се овозможи стимулирање и јакнење на женското претприемништво, вели Грозданоска.

Координаторката на Југозападниот плански регион на Националната платформа за женско претприемништво, Сузана Наумовска вели дека овој форум направи спојување во Југозападниот регион на општините, невладиниот сектор и сите бизнис сектори во нашиот регион.

Направивме еден мал караван, го посетуваме секој град, секоја мала општина, имаме лични средби со жените претприемачи и мислам дека сега чекор напред ќе биде и формирање на Советот на Југозападниот регион каде имаме и поддршка од сите градоначалници. Овој форум ќе покаже како се вмрежени жените и каков резултат ќе дадеме понатаму.

Претставник од делегацијата на ЕУ, програмски менаџер и одговорна за следење на проектот Елизабета Ѓоргиева истакна дека претприемништвото е главен двигател на економијата и дека и ЕУ смета дека жените се недоволно претставени во претприемништвото во областа на економското лидерство и технолошкиот сектор.

Жените претставуваат најголемиот недоволно искористен претприемачки лидерски потенцијал во Европа. И жените во различни земји членки на ЕУ, се соочуваат со слични предизивици како и жените во земјава. Пристап до информации, пристап до финансии, проблеми во врска со обуки, пристап до мрежи за деловни цели, честопати активностите на жените претприемачи се под постојан притисок на различни културни и традиционални фактори. Кај младите девојки ентузијазмот за отпочнување сопствен бизнис, како и преземање на некои лидерски и менаџерски позиции често пати е под силно влијание од одредени стереотипи, обесхрабрување од околината каде живеат и работата што од своја страна влијае да се намали тој ентузијазам за да се ангажираат како претприемачи и менаџери. Со цел да се надминат овие проблеми се преземаат различни мерки меѓу нив Платформа за жени претприемачи, Здружение на жени бизнис ангели и жени претприемачи, Европска мрежа за амбасадори и ментори на жени претприемачи. Преку овој проект треба добрите примери од ЕУ да се реплицираат во земјата. Од заклучоците денес ќе можеме да креираме нови мерки и планови за женското претприемништво, додаде Ѓоргиева.

Форумот беше реализиран во рамки на проектот Националната платформата за женско претприемништво кофинансиран од Европската Унија, а го спроведува Здружение на бизнис жени во партнерство со Сојуз на стопански комори на Македонија, Национална федерација на фармери и Фондација за менаџмент и индустриско истражување.

Н.С.Ј.