Природата е една од високопозиционите приоритети во Европската Унија. Затоа е потребна стратегија за нејзина заштита.“  – изјави Ѓоко Зороски од Еколошкото друштво „Грашница“, на вчерашната трибина „Управување со Националните паркови, заштита на животната средина и валоризација“, која се одржа во НУ „Григор Прличев“ – Охрид.

Ѓороски истакна дека само 7 отсто од вкупната територија на земјава е под некаква заштита, што претставува за 4 проценти помалку од европската регулатива. Според него, 5 отсто од бруто приходот се остварува токму од туризмот, а со зголемување на заштитените површини приходот би се зголемил.

Во тек се иницијативи за прогласување на други делови од Македонија во национални паркови. Тоа се Шар Планина и Јабланица, со што процентот би се зголемил, односно ќе порасне приходот од туризмот. Ние веќе ги имаме заштитените подрачја, а како граѓанска организација треба да ја зголемиме нашата улога и влијание врз граѓаните, односно потребна е промоција.“ – истакна Ѓороски.

Оливер Аврамоски од НП „Галичица“, потенцира дека главната одлика на зашитеното подрачје на планината „Галичица“, се големиот број ендемични живи организими, кои ги има само на оваа територија.

Од вишите васкуларни растенија во паркот се среќаваат 13 видови кои што ги има само во НП „Галичица“. Од групата на безрбетни животни, ги има преку 60 локални ендемити на планината и долж крајбрежјето. Исто така, во паркот има 10 видови кои се загрозени на глобално ниво, односно стотици на европското тло.“ – изјави Аврамоски.

Тој потенцира дека направено е прецизно мапирање, а со стручните лица изготвена е мапа, односно зонирање по законска и меѓународна пракса како главна алатка за управување со паркот.

Од практичен апсект, стурчните лица излегуваат на терен и заклучуваат точно на која територија од паркот се наоѓаат ендемичните видови. Постојат три главни зони. Стара Галичица или зона со строга заштита, зона за активно управување во делот на повисокоите  места и зона во пониските места, односно зона за одржливо користење.“ – потенцира Аврамоски.

На трибината, обраќање имаше и д-р Сузана Патчева од Хидробиолошкиот завод Охрид,  кој истакна дека Охридското Езеро е редок природен феномен од тектонско потекло, чија старост се проценува на 3-5 милиони години.

Овие езера меѓу кои и Охридското,  биле населени со жив свет од самиот почеток, односно не постоела опасност да ги снема природните рамки во нив. Како резултат на долготрајното постоење, нивните разновидни жители имале можност да се разиваат непречено. Аналогно на тоа, нивниот жив свет носи еднемички карактер.“  – рече Патчева.

Во „Музејот на живи фосили“, покрај охридската пастрмка како еднемичен вид, живеат над 200 други организми, за кои освен науката, јавноста е оскудно запознаена.

Охридското Езеро има највисок и набогат биодиверзитет во светот. Дел од ендимичните видови не се променети, како што е сунѓерот. Тука спаѓаат и над 70 видови полжави, стари 30 милиони години. Потоа школки, пијавици, вилински коњчина и други организми. Сите тие се значајни за еволуцијата на езерото. Исто така, во него опстојуваат и 600 до 700 видови алги, од кои 100 се ендемични.“ – додаде Патчева.

Трибината беше во организација на централната комисија за животна средина на ВМРО-ДПМНЕ.

О.Т.