Според  најновите податоци од Институтот за јавно здравје, извршените анализи врз пациентите хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, покажале присуство на вирус на грип кај три пациенти.

Кај еден пациент било докажано присуство на вирус на грип од тип А (Х3Н2) и кај двајца вирус на грип тип А (Х1Н1).Пациентите ја добиваат потребната терапија и се во добра општа состојба.

Клинички се пријавени 411 лица со симптоми на грип, со што вкупната бројка на заболени со симптоми на грип, од октомври минатата година до сега, изнесува над илјада пациенти.

Комисијата за следење на состојбата со грип на вчерашната редовна работна средба ја разгледа состојбата со грип во државата, при што беше заклучено дека бројот на клинички дијагностицирани заболени од грип е помал, во однос на бројот на заболени во истиот период лани, со тенденција за зголемување на бројот на заболени во следниот период.

Комисијата заклучи да се потсетат матичните лекари за потребата за почитување на протоколот за постапување со пациенти со симптоми на грип и потребата за навремена терапија со тамифлу кај пациентите со ризик (деца под две години, бремени жени и хронично болни лица).

Лекот Тамифлу е бесплатен и пациентите со рецепт од матичниот лекар може да го подигнат во петте  поликлиники во Скопје, во аптеките во здравствените домови низ државата, како и во службите за Итна медицинска помош.

OhridNews
Makfaks