Во Охрид има околу 140 граѓани, кои се регистрирани во локалното Здружение на глуви и наглуви лица. Од нив, околу 50 активни членови секојдневно го посетуваат овој центар, каде можат меѓусебно да се дружат и комуницираат.


Пред две недели, на еден посебен начин преку „риболовно“ дружење, овој ден беше свечено одбележан од страна на ова здружение. „Иако настанот имаше натпреварувачки карактер, членовите на повеќето здруженија во склоп на националниот сојуз, беа дојдени во нашиот град на меѓусебно дружење. Во преден план беше другарството, а визуелната комуникација на овие лица е од големо значење. “ – вели Славица Стефановска од локалното Здружението на глуви и наглуви лица.


Во нивното здружение кое го покрива целиот охридски регион, се прават напори да им се олесни положбата во општеството, односно, овие лица да можат да го остварат своето право. „Лицата со оштетен слух од над 60 децибели, мора да имаат подршка од некого. Најголемата пречка е комуникацијата, а многу малку луѓе го познаваат нивниот знаковен јазик. За таа цел се организираат бројни активности, од екскуризии па се до посета на сите настани во нашиот град. Исто така имаме и избор на мис, а се прават и маскембали. Пред неколку години нашата групна маска беше официјално претставена на Струмичкиот карневал.“ – истакнува Стефаноска.


Според уставот, дали едно дете со оштетен слух ќе го започне школувањето во некоја од  специјалните установи, зависи од родителот. Доколку се одлучат за ваква едукација, децата уште во предшколска возраст се упатуваат во Битола. „Овие деца се работоспособни, а знаковниот јазик преку кој се едуцираат ќе им помогне во образовниот процес. По завршување на основното образование, се упатуваат во средното специјално училиште во Скопје „Партение Зографски“, каде стручно се насочуваат. За пофалба е еден наш член, кој ги прескокна сите бариери и сега студира на Машинскиот факултет во Скопје.“ – вели Стефаноска.


На овие лица, преку законот за знаковен јазик им се признава правото на преведувач, при обраќање до државните органи и институции. Според Стефаноска, борбата на здружението е овој закон помасовно да се применува. „Борбата за практична примена на овој закон не е завршена. Голема поволност ни претставува што нашите членови имаат попусти во плаќањето на комуналните сметки. Сакам да упатам апел до сите родители кои имаат деца со оштетен слух, да се информираат преку нашето здружение. Не мора да бидат наши членови, за да ние им дадеме определен совет и да им пружиме нужна помош. Тоа може да биде и анонимно, а ние секогаш сме отворени за секаква соработка“ – додава Стефаноска.


Инаку, секој четврток во просториите на ова локално здружение, постои неформален собир и дружење помеѓу членовите, кои споделуваат искуства од различни области. Просториите на овој центар се реновирани од страна на самите членови, преку фондацијата на Владо Велјаноски, нашинец кој живее во Холандија.

Здружението на глуви и наглуви лица традиционално се приклучува во активностите за одбележување на Светскиот ден на лицата со хендикеп, 3-ти декември.

O.T.