По повод големиот православен празник „Божиќ“, кога се слави раѓањето на Господ Исус Христос утре во Охрид, по трет пат ќе се организира Бадникова литија. Според најавите, на годинешната литија се очекува да учествуваат од 200 до 250 дечиња.

-Целта на литијата е продолжување на старата изворна и духовна традиција за прослава на овој празник. Дечињата кои ќе бидат дел од литијата се своевидна преслика на ангелите кои со пештерата на раце симболично ќе го навестат раѓањето на Синот божји, пеејќи ја некогашната стара коледарска песна ,,Вечниот Бог’’, велат од организациониот одбор на литијата, кој годинава брои 9 члена.

Литијата ќе започне во 10 часот пред храмот ,,Св.Георгиј“ и ќе продолжи по улиците „Питу Гули“ и ,,Јане Сандански“, по кејот на Охридското Езеро до градскиот плоштад. Тука децата ќе бидат пречекани од претставници на локалната самоуправа, кои според најавите ќе им даруваат подароци.

Понатаму, литијата исто како и претходната година ќе помине низ Охридската чаршија се до храмот „Успение на Пресвета Богородица-Каменско“, каде што на децата ќе им биде организиран пречек и ќе има бидат поделени подароци. Целиот свечен настан ќе заврши со заедничка молитва во храмот и заеднички Бадников ручек.

OhridNews