Потребни се повеќе еколошки акции, едукација и правилно управување со отпад за да се намали цврстиот отпад кој нуркачите преку низа акции го вадат од дното на Охридско Езеро. Најкритични точки се оние каде се влеваат реките во езерото, беше потенцирано на денешната акција за чистење на дното на Охридско Езеро „Охрид еко 2025“ во организација на Нуркачкиот клуб „Амфора“.
Јован Секулоски од НК „Амфора“ вели акцијата се фокусира на повеќе локации на Охридско Езеро, почнувајќи од вливот на реката Черава кај Љубаништа па се до Калишта во Струга, вклучувајќи ги и Заливот на коските, кампот Градиште и градското пристаниште.
Целта на оваа акција е да се извади овој цврст и штетен отпад од Охридското Езеро, да влијаеме на јавната еколошка свест на охриѓани и туристите кои доаѓаат и пред се да внимаваме како постапуваме со отпадот. Во акцијата има голем одзив од нуркачите од НЦ „Амфора“ и од домашните нуркачки клубови и од регионот, како клубови Србија, Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина. Најмногу наоѓаме отпад во форма на пластика, стакло, лименки, автомобилски гуми, градежен шут кој се таложи на дното на Охридско Езеро низ годините и овој отпад мора да се отстрани.
Најкритични точки, посочува, се вливовите на реките потенцирајќи дека веќе реализирале проект во сорабтока со Општина Охрид насловен „Нуркачна екопатрола“ во рамки на кој бил каде направен мониторинг на тие точки.
На сите акции кои следат полека ги елиминираме тие точки. Но, многу е тешко да се отстрани целиот тој отпад. Потребно е овој проблем да се реши на повеќе начини, вклучително и еколошки акции, едукација и правилно управување со отпад, додава Секулоски.
Во акцијата учество земаа преку 100 луѓе од кои 80-тина сертифицирани нуркаќи, додека останатите како логистичка поддршка.
Денес учествуваме во оваа еко акција, разменуваме искуства, ја зајакнуваме љубовта кон овој спорт, но и позитивните аспекти во поглед на заштитата и спасувањето, па се еко акциите. Знаеме дека екологијата е многу важна, па самите проекти за екологија ако на копно бараат многу и се многу популарни, кога се под вода се многу посложени. Ваквите дружења и тим билдинзи сигурно ќе придонесат за еколошка и вкупна подобра безбедност како кај нас така и пошироко, што ни е на сите важно, истакна министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство, Адван Акелиќ, од Босна и Херцеговина.
Ова ни е четврти или петти пат да сме во Охрид како дел од разни акции и проекти, вели нуркачот Сафет Караџич од Нуркачкиот клуб „Шарк“ од Јајце, БиХ.
Јас сум љубител на Охридско Езеро, прекрасно езеро е и нема толку отпад колку што би се очекувало со оглед и на бројот на туристи кој го посетуваат Охрид. Но, со редовно чистење ќе придонесеме да биде уште помал.
Инаку, меѓународната акција за чистење на дното на Охридско Езеро од цврст отпад во организација на НК „Амфора“ се организира четврта година по ред, годинава под покровителство на ДМ дрогерии и Општина Охрид.
Н.С.Ј.