Владата на седница донела одлука да го повлече предлог-законот за медиумски и информативни кампањи. Во известувањето не се наведува зошто се повлекува Законот, а владината одлука е потпишана од Министерот за здравство и вицепремиер, Никола Тодоров. Засега официјално не е познато зошто е полечен Законот, а дел од медиумите пренесуваат неофицијални информации според кои, Законот е повлечен под притисок на Европската комисија.

„Владата на Република Македонија на седницата, одржана на 25 август 2016 година, заклучи да се повлече од собраниска постапка предлог-законот за информативни и за рекламни кампањи на јавните институции“, стои во документот од Владата.

Предлог-законот во четвртокот требаше, но не беше ставен на дневен ред на седница на Собранието, бидејќи немало овластен предлагач.

За СДСМ ова е победа за сите оние кои сакаат во Македонија да има вистински слободни и независни медиуми. Според ВМРО-ДПМНЕ, носењето на законот за владино рекламирање е дел од реформските обврски на Македонија, но СДСМ е против секоја реформа, стои во реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

OhridNews