Агенцијата за храна и ветеринарство ја повлече од продажба штрудлата со смокви на производителот „Житопрерада“ од Бечеј, Србија по добиената информација за повлекување производот на пазарот во Словенија, поради присуство на микотоксинот охратоксин А над максимално дозволените концентрации, јавува „Макфакс“.

Овој производ на македонскиот пазар го увезла компанијата „Оз-Ту компани“ од Скопје.

„Оваа компанија во изминатите шест месеци, во земјава увезла пет пратки со производи со мешовит состав (кекси, вафли, штрудли со различен вид на полнење). Од страна на инспекторите за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство при увозот земени се четири мостри, за кои по извршените лабораториски анализи е потврдено дека се негативни. До добивање на официјално известување од српското Министерство за земјоделство, за бројот на контаминираната серија (лот), Агенцијата за храна и ветеринарство донесе превентивна мерка за повлекување од промет сите количини од спорниот производ – штрудла со смоква, а на компанијата увозник и изрече забрана за ставање во промет на количините кои се наоѓаат во магацините“, соопшти Агенцијата.

До крајот на денот, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе објави подетални информации за количеството увезени и повлечени количини од спорниот производ.

Инаку, охратоксинот А е докажан канцероген за животните, а се претпоставува дека таков ефект има и кај луѓето. Исто така, има нефротоксично и имунотоксично дејство и негативно влијае врз црниот дроб ако се конзумираат производи со повеќе од дозволеното количество.

OhridNews
извор:„Макфакс“