Повратниците во националниот состав Ѓорѓи Чековски и Златко Гоцевски се меѓу најсериозните кандидати за пополнување на испразнетото место во репрезентацијата по откажувањето на Џеремаја Мејси. Конкуренцијата за тоа место во тимот е одлична, а селекторот го има последниот збор кого ќе го поведе со себе во мисијата Литванија 2011.


Повеќе од три години бев надвор од репрезентацијата, се надевам дека ќе успеам да помогнам да се пласираме на Европското Првенство. Долго време се познаваме, пред нас е тежок период, нема повеќе слаби репрезентации и се надевам дека ќе има среќен крај – вели Чековски.

Гоцевски кој пред две сезони беше прогласен за МВП на сезоната се врати на поширокиот список на селекторот Докузовски. По пропуштањето на континенталниот собир во Полска, тој очекува да се најде во тимот кој ќе се обиде во квалификациите да обезбеди пласман на ЕП 2011.


– Работите се одвиваат нормално, тренираме со зголемен интезнитет, а потоа започнуваме со пријателски натпревари со што и ќе се намалува интензитетот на тренингот – истакна Гоцевски.


Со исклучок на промената на селекторот и едниот и другиот сметаат дека не е многу што променето од онаа репрезентација пред три години и оваа актуелната. Она што двајцата ги спојува е тоа што мечевите на македонската репрезентација во Полска ги проследија на малите екрани.

–  Многу ми недостигаше репрезентацијата но поради несогласувањата со селекторот Јовица Арсиќ не бев дел од селекцијата, за еден спортист нема подобро чуство од тоа да си дел од репрезентацијата и да играш за својата татковина – вели Чековски

– Тешко ми беше да се гледаат мечевите од Европското на телевизија, посебно што бев дел од селекцијата која играше во квалификациите, немаше некое посебно објаснување од страна на селекторот за моето изоставување – истакна Гоцевски кој минатата сезона играше за бугарскиот Јамбол, а во моментов е слободен играч

Македонските кошаркари ги завршија подготовките во Охрид, по што следува период на одигрување на пријателски средби на кои ќе се темпира формата за квалификациите.

М.Постоловски