Параглајдерист од Германија повреден при тежок пад од поголема височина, на исклучително непристапен и карпест терен на Галичица. Случајот бил пријавен во Планинската спасителна служба (ПСС) Охрид вчера околу 18:30 часот од група параглајдеристи со кои летал сега повредениот параглајдерист.
За голема среќа, тројца спасители на ПСС во тој момент престојуваа во планинарската куќа „Спиридон“, каде е лоцирана и спасителната станица на ПСС, опремена со специјализирана техничка опрема за интервенции во овој регион. Веднаш по дојавата, екипата за само 15 минути стигна до местото на несреќата, изврши имобилизација на повредениот и започна комплексен транспорт по стрмен и тежок терен. Дополнителна отежнувачка околност беа и ноќните услови во кои се одвиваше целата акција, велат од ПСС.
Посочуваат дека по повеќе од еден час напорна интервенција, во 20:20 часот, повредениот бил безбедно спуштен до асфалтниот пат кај превојот Баба, каде бил предаден на екипа на Итната медицинска помош од Охрид.
Од таму, тој веднаш беше пренесен во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, каде, за жал, му беа констатирани фрактури на пет пршлени во долниот дел на рбетот. На повредениот му посакуваме брзо и успешно опоравување, а на сите посетители на планината им упатуваме апел за претпазливост и одговорно уживање во преубавиот есенски амбиент на Галичица, потенцираат од ПСС.
Воедно, додаваат дека Планинската спасителна служба ќе продолжи да биде на располагање за сите кои имаат потреба, но секогаш потсетуваат дека безбедноста треба да биде на прво место.
OhridNews