Иако приклучувањето на индивидуалните куќи кон канализационите мрежи не смее да биде тематика за која треба да се зборува во 21-виот век, сепак добар дел од селата во охридскиот регион се уште се соочуваат со овој проблем.
50-тина куќи во населбата „Исток“ која спаѓа во рамките на крајбрежното село Коњско, се уште се надвор од канализациониот систем приклучен на колекторот, кој треба да го реши деценискиот проблем со фекалните води кои директно се влеваат во септичките јами.
„Еден од недостатоците на населбата Исток како што многумина ја викаат е немањето канализација. Поточно, над хотелот „Престол“ цела лева страна од улицата без скопските вили, не e приклученa кон овој систем. Се работи за 50-тина индивидуални куќи, кои овој проблем го решваат со септички јами. Мислам дека е редно во 21-виот век, да се изнајдат напори за надминување на овој недостаток.“ – вели Номче Костоски, жител на населбата „Исток“.
Како што тој објаснува, иницијатива за приклучување на овој дел од селото кон канализационата мрежа постоела пред 10-тина години, но финасиските средства биле пречка за надминување на проблемот.
„Иницијатива имаше уште од порано, кога скопските вили се приклучуваа кон канализационата мрежа. Имаше понуда до месното население, но приклучокот чинеше околу 500 евра, средства кои пред 10-тина години вредеа многу и не можевме да ги обезбедиме. Вакви проблеми имаше и во Пештани, кога селото се поплавуваше од јамите. Но тамошното месно населениe смогна сили и го реши деценискиот проблем.“ – додава Костоски.
Како проблем на овој дел од охридското село Коњско, е и недостатокот на атмосферска канализација. Како што вели Костоски, за време на поројните дождови и обилните врнежи од снег, оневозможен е пристапот на месното население кон сопствените куќи.
„Потребно е санирање на долот, кој сами го копаме за водата да може да тече надолу. Но сепак, за време на поројни дождови главната улица е секогаш поплавена. Најголем проблем е во зимскиот период, кога таа вода целосно замрзнува и го оневозможува движењето кон нашите домови.“ – вели Костоски.
Месното население од населбата „Исток“ се надева дека во периодот кој претстои, надлежните институции ќе вложат напори за решавање на овој децениски проблем, од кој бенефит би имале сите жители од селото Коњско.
O.T.