Општина Охрид во партнерство со програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) објавува повторен Јавен повик за граѓански организации за поднесување предлог проекти во рамки на проектот Регионална програма за локална демократија во Западен Балкан 2 (ReLOaD2).
Проектот кој е финансиран од Европската унија и го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во шест земји/територии од Западен Балкан ќе трае до декември 2024 година и има за цел јакнење на партиципативната демократија и процесите за интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија преку јакнење на граѓанското општество и младите за нивно активно учество во процесот на денесување одлуки.
Во проектот ReLOaD 2 се вклучени 8 општини: Битола, Велес, Гевгелија, Гостивар, Крива Паланка, Кочани, Куманово и Охрид.
Општина Охрид и проектот ReLOaD 2 упатуваат повик до сите граѓански организации да поднесат предлог проекти кои се доследни на развојните цели на Oпштина Охрид и со кои се опфатени следните приоритетни области: младински активизам и партиципација, родова еднаквост, економска и социјална инклузија, туризам и култура и заштита на животната средина.
Износот на средства за одобрени проекти ќе се движи од 307.000,00 МКД до 1.845.000,00 МКД. На граѓанските организации им е дозволено да поднесат повеќе од еден предлог проект, доколку вкупниот доделен износ не надминува 3.690.000,00 МКД за целото времетраење на проектот ReLOaD2 (до декември 2024). Општина Охрид и УНДП го задржуваат правото да не ги доделат расположливите средства доколку предлог проектите не ги исполнуваат зададените критериуми. Проектите може да бидат со времетраење од 6 до 10 месеци. Избраните проекти мора да се спроведат во периодот од ноември 2023 до крајот на август 2024, информираат од Општина Охрид.
Јавниот повик ќе трае од 16.06.2023(од 9:00 часот) до 14.07.2023 (до 15:00 часот). Документацијата за пријавување на јавниот повик на општина Охрид може да се обезбеди преку испраќање на барање, во кое е наведено името на заинтересираната организација, на следната адреса: Општина Охрид, „Димитар Влахов“ 57, 6000 Охрид и/или на е-пошта: [email protected] или лично во општина Охрид. Повеќе детали на линкот.
OhridNews