Повторно одложено судското рочиште во Основниот суд во Струга за случајот со родилката Јилдз Веапоска од Дебар. На денешното рочиште требаше да биде презентиран извештајот од супервештачењето, но истото е одложено поради барање на одбраната на првообвинетиот, за изземање на судечкиот судија.

На рочиштето присуствуваа двајца, од тројцата супервештаци, на што адвокатот на гинекологот Мухамед Асани, Игор Петкоски, најпрво побара од судот тимот од тројца супервештаци заедно да го презенитраат извештајот, но најпрво да биде испрашуван гинекологот Тања Гуржанова. Откако барањето му беше одбиено од страна на судијата Јордан Јованов, тој побара негово изземање, по што најави дека ќе побара изземање и на претседателите на Судот во Струга и Апелација во Битола за предметот да биде разгледан пред Врховниот суд во Скопје.

Јавниот обвинител Ермира Муса-Нура кажа дека исказот на двајцата присутни супер вештаци е доволно за да се разјасни супервештачењето и дека нема потреба од третиот вештак. Таа се спротивстави и на барањето за изземање на судечкиот судија.

Оштетената Веапоска на која по породување со царски рез во Болницата во Струга и беа отстранети матка, јајник и бубрег излезе разочарана од судницата посочувајќи дека срамно е докторите од супер вештачењето да доаѓаат од Скопје и наместо да има завршни зборови, судскиот процес да се одлага на неодредено. Според адвокатот Сашо Јанев изземањето на судијата е дел од стратегијата на одбраната за одолговлекување и застарување на делото.

Судскиот процес против тројцата лекари гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска, трае околу три години, а делото застарува на почетокот од идната година. Три пати почнуваше од почеток поради менување на судечките судии.

OhridNews