Македонскиот министер  за транспорт и врски Миле Јанакиески на својот босански колега Дамир Хаџиќ во Сараево денеска му доставил документ со нови сознанија за падот на авионот во близина на Мостар, во кој загинаа тогашниот македонски претседател Борис Трајковски и неговите соработници.
Како што информираат од Минстерството за транспорт и врски, договорено е да се формира заедничка работна група составена од експерти од Република Македонија и Босна и Херцеговина, која до крајот на септември годинава треба да изготви извештај, информира Министерството за транспорт и врски.

„Макфакс“ пренесува дека министерот Јанакиески, во рамки на вчерашната средба во Сараево, му доставил на Хаџиќ документ кој содржи нови сознанија за воздухопловната несреќа на авионот„Беецхцрафт Супер Кинг Аир 200 З3-БАБ“  што се случи на 26 февруари 2004 година кај Ротмиље во близина на Мостар, во која трагично го загубија животот тогашниот македонски претседател Борис Трајковски и неговите соработници.
Министерот Јанакиески на Министерот Хаџиќ му упатил официјален предлог за повторно отворање на истрагата и му предложи формирање на мешовита работа група за таа цел.
Хаџиќ истакнал дека завршувањето на истрагата е во интерес на Босна и Херцеговина а со тоа и завршувањето на шпекулациите во врска со причините за несреќата, и дека согласно горенаведеното го прифаќа предлогот за повторно отворање на истрагата.
Владиниот „Кингер” со којшто патуваше претседателот Трајковски, кој требаше да стигне на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина на 26 февруари 2004 година се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар.
Беше предвидено авионот да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот. И македонското и босанското обвинителство случајот го затворија како несреќа. Официјално несреќата се случила поради грешка на пилотите.
Сомнежите дека загинувањето на Трајковски не е несреќен случај, туку убиство ги поттикна швајцарскиот пратеник во европскиот парламент Андреас Грос. Тој беше и иницијаторот за формирање на анкетната комисија која ги истражува околностите под кои загина претседателот Трајковски.
Неколку дена пред одбележувањето на седумгодишнината од несреќата на Трајковски, неговиот брат – близнак, Александар Трајковски изјави дека неговиот брат е убиен.
Во несреќата покрај Трајковски животот го загубија Димка Илкова – Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан – Лозановска од Кабинетот на претседателот, Миле Крстевски од Министерство за надворешни работи, Борис Велинов и Аце Божиновски, членови на обезбедувањето, и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
OhridNews
извор: „Макфакс“