Два случаи на труење на животни се регистрирани во еден ден во Охрид и Пештани. Едно куче е убиено, а другото благодарение на интервенцијата на волонтерите на здружението за заштита на животни „Анималија“ е спасено, но се уште е во тешка и сериозна здравствена состојба.
Случајот на труење во Охрид бил регистриран во населбата Лескајца во близина на основното училиште и градинката. Тоа според волонтерите од „Анималија“ само ја потврдува големата неодговорност на лицата кои стојат зад овој нецивилизиран чин како и на поттикнувачите. Посочуваат дека труењето животни согласно закон претставува кривично дело.
-Предупредивме дека тенденциозните објави на одредени медиуми ќе бидат вовед во ново труење на животни во Охрид и тоа се случи.– рекоа од „Анималија“.
Од „Анималија“ ги предупредуваат граѓаните да бидат исклучително внимателни, бидејќи отровот може да е расфрлан на поголема територија, што во опасност може да ги доведе не само бездомните животни и миленици, туку и луѓето, особено децата. Апелираат секоја сомнителна материја да се отстрани на сигурно и недостапно место и да се запали, а надлежните да не ги премолчуваат ваквите случаи, туку да ги пронајдат виновниците и да ги казнат.
OhridNews