И покрај апелите на локалното здружение за заштита на животните и бројните реакции на граѓаните и охридските ветеринари, и понатаму несовесни поединци проблемот со бездомните кучиња и мачки го решаваат расфрлајќи отров по охридските населби.

Последниот случај, регистриран во текот на вчерашниот ден во близина на Факултетот за туризам и угостителство, уште еднаш ја покажува не само ниската свест кај поединци, туку и немоќта на институциите да се справат со овој децениски проблем.

Луѓето гледаат дека со труењето не се решава проблемот и упорно ги повторуваат нечовечните постапки кои не вродуваат со плод години наназад. Како да сме осудени да ги повторуваме нештата, заробени во рутината. Како да сме отпорни кон промени кои на запад одамна вродиле со резултат. Ајнштајн рекол дека не можеме да ги решиме проблемите со истото ниво на размислување со кое истите ги создадовме. Со еден ист метод на „справување“ со бездомниве животни (кој очигледно не дава резултат), трујачите очекуваат различни резултати (решавање на проблемот).“ – велат од Здружението за за заштита на животните, „Анималиа“.

Со отровот се создаваат нови проблеми

Со труењето на животните и расфрлање отров по улиците се создаваат нови проблеми, кои можат да бидат фатални по здравјето на човекот.

Проблем кој ќе произлезе од можно труење на некое детенце, проблем настанат од труење на нечие милениче, проблем кој ќе прозлезе од прекршување на законот и слично. Апелираме дека како организација за заштита на животните, работиме секојдневно на имплементација на стратегијата за решавање на проблемот со бездомните животни, која изискува време, но и поддршка од локалните и државните институции. И секако поддршка од вас, граѓаните.“ – реагираат од „Анималиа“.

Злоупотреба на пестицидите?

Од „Анималиа“ сметаат дека потребна е поголема контрола на земјоделските апекти, со оглед на тоа што од истите можат да се набават пестициди, кои најчесто се користат како отров за животните.

Не ја игнорираме и можноста тој пестицид биде употребен и за труење на некој човек. Кој ќе одговара тогаш? Впрочем и без контрола на количините пестициди кои можат да се купат од земјоделска аптека, труењето е неминовно. Секој кој продава земјоделски производи очекува поголем принос, и не размислува за начинот на кој го остварува тој принос.“ – велат од „Анималиа“.

Неоддамна туристите сведоци на труење на животните

Во изманатите неколку недели,  активистите на Анималиа, но и туристи кои престојуваа на ривиерата, беа сведоци на смртта на напуштен самојед покрај градскиот кеј во близина на малиот плоштад.

Кучето беше паднато во езерото. Поминаа туристи и беа згрозени. Зарем вака ли туризам ќе развиваме? Што со рибите? Уште малку и ќе треба да се капиме во езерото. Што ако некое дете утре фрла камчиња во езерото, а на нив остатоци од отровот. Што ако е Ланат, отров кој доволно е да се вдише и да предизвика смрт.“ – реагираа од „Анималиа“.

O.T.