Од здружението за заштита на животни Анималија информираат за повторно труење на животни во Пештани. Затруени биле три кучиња, но за среќа за кратко време интервенирале неколку љубители на животните, воедно и членови на здружението, кои успеале во последен момент да го спасат животот на кучињата.
Отровот бил расфрлан во остатоци од други животни, на повеќе места. Од здружението се сомневаат дека и во овој случај отровот го расфрлило истото лице кое извршило труење на уличните кучиња во Пештани пред извесен период. Предупредуваат дека во контакт со отровот лесно може да дојдат и жители или мали деца.
За случајот направен е записник и поднесена е соодветна пријава во полиција, а доставен е и доказен материјал.
Јавноста очекува дека надлежните ќе преземат соодветни мерки за казнување на лицата кои го прекршиле законот, при што го доведуваат во опасност не само животот на животните туку и на луѓето.
OhridNews