Пожар избувна вечерва во станбената зграда бр. 4 на булевар „Туристичка“, но за среќа нема жртви и повредени.
Kако што ни изјавија жителите од зградата, пожарот избил нешто по 23 часот од броилата за електрична енергија во вториот влез од зградата. Густ чад веднаш го исполнил влезот и почнал да навлегува во становите кои жителите ги напуштале во паника со крпи на устите. Пожарот бил изгаснат со брза интервенција на професионалната противпожарна единица од Охрид, која пристигнала со повеќе возила.
Причините за пожарот ќе ги утврдува истрагата, но неофицијално тој бил предизвикан од краток спој. Жителите се сомневаат дека причина за тоа е човечки фактор, односно неовластено приклучување на елетро мрежата.
Истрагата ќе ја утврдува и настанатата материјална штета во зградата и деловните простории кои се наоѓаат во приземјето каде избувнал пожарот.
Дел од жителите на зградата ноќта ќе ја минат кај роднини, а дел и покрај силната миризба од изгорената електрична инсталација решија да се вратат во своите домови, кои поради пожарот се без електрична енергија.