Како што информираат од Центарот за управување со кризи, активни се пожари на неколку локации во земјава.
Гори во општина Зелениково, кај место викано „Рамни Габер“, како и кај месноста „Попово Гумно“ на планината Китка. Со пожарот е зафатена ниска мешана шума.

Пожар избувна и во атарот на село Никиштани, општина Ѓорче Петров, каде гори сува трева и мешана шума и чие гаснење е во тек.

Пожарот во атарот на село Стрима, општина Липково, кој повеќе од недела дена гори, сеуште е активен, а во текот на вчерашниот ден се прошири во правец на село Рнковце. Зафатена е нискостеблеста жбунеста шума и сува трева на површина од околу 400 хектари. Вчера попладне регистриран е пожар во Националниот парк „Маврово“, над скијачките терени. Зафатена е сува трева и ниски жбунови. Пожарот сеуште е активен, а од утрово на терен се излезени 15 вработени од НП „Маврово“. Во текот на денешниот ден се очекува овој пожар да се локализира.

Пожарот во атарот на село Дреново е локализиран, додека во месноста „Бреза“ и велешкото село Рлевци е повторно реактивиран.. Во реонот на „Бреза“ зафатена е сува трева и грмушки, а додека во реонот на с.Рлевци, место викано „Вирови“, зафатена е површина со сува трева и нискостеблеста шума. Во текот на ноќта појавен е пожар во атарот на село Горно Јаболчиште,велешко. Зафатена е стара сеча од 1994 година на површина од 3 до 4 хектари. Теренот е тешко пристапен и поради тоа побарана е интервенција од воздух. За гасење на овој пожар утрово ангажирано е месно население. Исто така, пожар е регистриран и на планината Кожуф во месноста „Прашник“ со кој е зафатена борова шума. Со интервенцијата ќе се продолжи во текот на денешниот ден. Утрово пожарот кај с. Црешново (општина Македонски Брод) повторно е реактивиран.