Гасењето на пожарот било отежнато потради непристапниот терен, а борбата со огнот траела до раните утрински часови.
– Постоеше опасност пожарот да се прошири во целиот објект бидејќи покривот е од ламперија, изјави Урим Каба – раководител на ТППЕ Струга.
Полицијата ги истражува причините за пожарот и евентуалната поврзаност на настанот со серијата инциденти кои се случија по јавно искажаниот револт на муслиманските верници кон организаторите на карневалот во Вевчани поради истакнување на маски со кои се навредува исламската религија. Први на местото на настанот пристигнале припадници на Граничната полиција кои затекнале насилно отворени врати од објектот и оган кој брзо се ширел, по што веднаш ја алармирале противпожарната служба. При пристигнувањето на противпожарните возила група локални жители се обидела со жив штит да го спречи дејствувањето на пожарникарите, а кога започнало гаснењето на огнот имало јавно негодување од насобраните лица.
Синоќешниот е втор инцидент за само неколку дена во Лабуништа, каде мнозинство се муслиманските верници. Тие тврдат дека меѓунационалните односи се добри, но стравуваат дека би можеле да се влошат.
– Подобар не бил никаде соживотот од Лабуништа, а ова се што се случува е наметнато. Никој не може да знае што ќе се случува понатаму ако продолжи ваквото однесување на градоначалникот од Вевчани, сигурно ќе има последици, изјави Субија Мехмедоски, жител на Лабуништа.
Претставници на Месната заедница од Лабуништа утрово се сретнаа со градоначалникот Мерко, а вонредна седница одржа и локалниот совет за превенција на која била разгледана актуелната безбедносна состојба во општината. Советот побара извинување од организаторите на вевчанскиот карневал, во спротивно ќе се бара кривична одговорност од лицата кои ги носеле навредливите маски. Исто така советот бара надлежните институции да ги откријат сторителите на сите инциденти, а населението да се воздржи од провокации.
-Апелираме како совет за локална превенција да се спуштат тензиите и да не се случуваат вакви инциденти, истакна Мерко.
На седницата на локалниот совет за безбедност не присуствуваа претстасвници на општината Вевчани кои биле поканети на средбата. Вознемирени од развојот на ситуацијата тамошните жители најавуваат дека организирано ќе ги чуваат објектите и имотите во селото, а на терен забележливо е зголемено присуство на полицијата.
Загриженост искажа и Митрополитот Дебарско кичевски Тимотеј кој најави дека наредните денови ќе ги обиколи црквите кои беа мета на вандали.