Познат е распоредот за сезоната 2026/2027 во македонската ракометна Супер лига, а ГРК Охрид новото првенство ќе го отвори со дерби натпревар против Еурофарм Пелистер на домашен терен.

Првото коло е закажано за 6 и 7 септември, кога охриѓани ќе ја започнат новата суперлигашка кампања по историската сезона во која го освоија трофејот во ЕХФ Европскиот куп и првпат донесоа европска клупска титула во градот.

Пред стартот на првенството, ГРК Охрид ќе има можност да се бори за уште трофеи. На крајот од август Охрид е домаќин на супер силниот меѓународен турнир „Крсте Андоновски“, а на 3 септември клубот за првпат во својата историја ќе настапи во Супер купот на Македонија.

Во новата сезона охридскиот тим, кој минатото првенство го заврши на третото место зад шампионот Вардар 1961 и вицешампионот Еурофарм Пелистер, го очекува исклучително тежок распоред со неколку дерби пресметки уште во првиот дел од шампионатот.

Покрај дуелот со Еурофарм Пелистер во воведното коло, ГРК Охрид ќе гостува кај Вардар 1961 во петтото коло, додека во шестата рунда во „Билјанини Извори“ ќе го пречека составот на Алкалоид.

Распоред на ГРК Охрид – Супер лига 2026/2027

1 коло: ГРК Охрид – Еурофарм Пелистер
2 коло: ГРК Охрид – Пролет 62
3 коло: Бутел Скопје – ГРК Охрид
4 коло: ГРК Охрид – Прилеп
5 коло: Вардар 1961 – ГРК Охрид
6 коло: ГРК Охрид – Алкалоид
7 коло: Мулти Есенс – ГРК Охрид
8 коло: ГРК Охрид – Еурофарм Пелистер 2
9 коло: Куманово – ГРК Охрид
10 коло: ГРК Охрид – Младост 1977
11 коло: Тиквеш 2014 – ГРК Охрид

Новата сезона за охридските ракометари ќе започне со големи очекувања по историскиот европски успех, а љубителите на ракометот уште на стартот ќе имаат можност да проследат неколку атрактивни дерби натпревари.

Г.М.