Компанијата за градежништво, мермер и гранит „Еуро Стил“ од Охрид, го доби тендерот за изведување на третата фаза од рекреативно – пешачката патека од мостот на каналот Студенчишта до Горица. Оваа фаза предвидува изградба на уште 630 метри со што модерната патека ќе биде продолжена до Горица.

„Еуро Стил“ која имала најдобра понуда на тендерот распишан од општината, ги реализира и првите две фази од изградбата на пешачката патека во вкупна должина од нешто над 400 метри. Првата фаза целосно е завршена, додека втората е при крај.

Со подобрување на временските услови се интензивираа и градежните работи на патеката. Поставена е потребната инсталација, а со полна пареа се работи на поплочување на патеката. Шеталиштето е со широчина од 12 метри и се состои од дел за пешачење и велосипедска патека, а има и соодветна урбана опрема и модерно осветлување. 

Според проектот, во средината на пешачката патека, исто како и при првата фаза, ќе бидат поставени украсни мермерни жардинерии коишто ќе бидат хортикултурно уредини. Во завршната фаза од изградбата на овој дел, покрај светлосните канделабри, ќе бидат поставени и украсни чешми по должината на патеката. 

За изведувањето на третата фаза од патеката се предвидени средства од Буџетот на општина Охрид за 2016 година. Како што најави претходно Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици, освен новите 630 метри, во третата фаза од изведбата на пешачката патека е предвидено да се уредат и 150 метри во нејзиниот почетен дел, од потегот на мостот „Студенчишта“ до „Скејт паркот“, за што општината ќе обезбеди средства преку проектот „WATERNET“.

OhridNews