Во рамкки на Глобалниот Инвестициски Самит за Македонија, организацијата Македонија 2025 одржа бесплатна Работилница за претприемништво наменета за млади професионалци, менаџери и претприемачи. На неа во својство на говорници се појавија членови на Одборот на директори на Македонија 2025, видни претставници на интернационални компании и институции, како и домашни претставници на академеската сфера.

Свои воведни обраќања имаа Зоран Мартиновски, Претседавач на Глобалниот Инвестициски Самит за Македонија и член на Одборот на директори на Македонија 2025 и Мајк Зафировски, Претседател на Одборот на директори на Македонија 2025. Главни предавачи на работилницата беа Камран Озаир, Заменик Претседател на МиндТрее, Карло Марија Росото, ИТ експерт и регионален координатор во Светската Банка, Крис Павловски, Извршен директор на ЈМГ Цанада, Емил Христов, Извршен директор на ЕМСА Солар ЛЛЦ и Братислав Станковиќ, Советник за наука и технологија на Претседателот на Република Македонија. Мајкл Арсов, Претседател на Одборот на млади директори на Македонија 2025 го имаше завршното обраќање на оваа работилница.

На работилницата присуствуваа повеќе од 150 студенти и постдипломци од различни факултети, млади професионалци, менаџери, претприемачи и извршни директори. Теми на дискусија беа: кои се предизвиците со кои се соочуваат глобалните претприемачи; како да се остане конкурентен на динамичните пазари: како може ИТ компанија да расте на светско ниво; кои се мерките кои државата ги презема за стимулирање на иновација и истражување; кои се критериумите за аплицирање за нов стартап фонд презентиран од Крис Павловски; кои се програмите кои Светската Банка ги нуди за развој и промоција на претприемништвото и сл.

Презентациите на предавачите беа проследени од многу плодна дискусија и од освежување кое овозможи учесниците на работилницата да се запознаат подобро помеѓу себе. Македонија 2025 ќе продолжи континуирано да работи на голем број образовни програми кои ќе и помогнат на земјата да ги создаде идните успешни претприемачи и бизнис лидери.

OhridNews