– И оваа година, во музичката програма од фестивалот ќе се најдат уметници од светски ранг кои досега не биле во Македонија и регионот и кои со особено атрактивни содржини ќе го привлечат вниманието, не само на стручната, туку и на пошироката публиката, вели музичкиот селектор на фестивалот Гордана Јосифова- Неделковска.
Како особено значајни од настаните на годинешното издание на Охридско лето, Јосифова- Неделковска го истакнува делото „Трилогија Романа“ во изведба на Македонската филхармонија, а во продукција на „Ла фура делс баус“ од Барселона со кое свечено ќе биде отворен фестивалот на 12 јули, што се најавува како досега невиден спектакл. На програмата е и гостувањето на осумте тенори од Русија, наречени тенори на 21 век со освоени најголем број престижни награди насекаде во светот, настапот на Најџел Кенеди, најпродаваниот виолинистот, кој освен класична музика свири и џез музика. Неизоставно е да се спомене и заедничкиот настап на Влатко Стефаноски и Стефан Миленковиќ, на 2- ри август на Античкиот театар.
Исклучително богата програма најавува и драмскиот селектор на фестивалот Ѓорѓи Јолевски.
– Сигурен сум дека претставите кои ќе се прикажат во рамки на фестивалот ќе бидат проследени од бројна публика која ќе замине воодушевена од претставите. Горд сум особено што ќе бидат прикажани три премиери од македонска продукција- првата во изведба на Македонскиот национален театар со претставата “Свадбата на Фигаро”. Втората премиера, она што особено ме радува, е премиерната изведба на “Кабаре мистериозо” во режија на Дејан Дамјановски, а во изведба на Охридскиот театар. Фестивалот на 20 август ќе биде свечено затворен со грандиозната претстава “Одисеј”, работена според Хомер, во режија на Александар Морфов,а во изведба на Битолскиот театар, рече Јолевски.
На програмата ќе се најдат и претставата “Зимска бајка” од Шекспир, во изведба на театар од Бугарија, како и настапот на најголемиот светски театарски танчер Јозеф Наџ, кој доаѓа за прв пат во Охрид.