Претставници на светски познати туроператори во соработка со домашни агенции ќе ги продаваат македонските туристички производи, изјави директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Лела Крстеска пред почетокот на Меѓународната конференцијата за активен туризам, што се одржува Охрид
–Наши гости се 65 светски тироператори од А листа, кои ќе ги продаваат македонските туристички производи заедно со 17 домашни агенции. Тие денеска се на промотивни тури низ земјата. Ќе ги видат можностите за параглајдинг во Крушево и Охрид, мечките на Маврово и убавините на Галичица. – изјави Крстевска.
На конференцијата за активен туризам во Охрид, најголема до сега на Балканот, учествуваат 300 делегати. Меѓу нив има врвни експерти од областа на туризмот и новинари од 25 влијателни светски медиуми, како и блогери и други професионалци. Конференцијата е поддржана од Светската туристичка организација, според која Македонија има големи компаративни предности за развој на активниот туризам.
-Активниот туризам е еден од најголемите трендови во туризмот. Сметам дека Македонија има големи компаративни предности за развој на овој вид на туризам. Впрочем учеството на 17 земји на оваа конференција е најдобар показател за тоа. Бројките од изминатите неколку години покажуваат дека Македонија има најголем раст на туризмот во регионот и јас се надевам дека тој тренд ќе продолжи и се повеќе туристи од целиот свет ќе ја посетуваат земјата. – изјави Марјан Хрибар од Светската туристичка организација.
Според експертите државите од Балканот треба заедно да ги нудат дестинациите за активен туризам, бидејќи само така ќе бидат конкурентни на светскиот пазар. Но за да се случи тоа треба да се надминат големите административни пречки.
-Пред се тука мислам на пречките околу преминувањето на границите, третманот на здравственото осигурување на патниците во различните земји, што е исклучително важно за туристите кои практикуваат активен туризам. – вели Венета Андонова од Американскиот универзитет во Благоевград, Бугарија.
Татјана Аниќ од „Експлорер Србија”, пак, укажува на потребата од поголема професионалност, што според неа е неопходно за развој на активниот туризам.
–Потребни се повеќе специјализирани туристички водичи, соодветни мапи со опис на туристичките тури, прилагодени на луѓето кои преферираат активен туризам. – додава Аниќ.
Конференцијата што земјава ја организира во соработка со УСАИД и Владата на Швајцарија, а со поддршка на Светската туристичка организација и општина Охрид, официјално ќе биде отворена вечерва. Работниот дел започнува утре со специјализирани сесии, промоции и деловни средби на учесниците.
Г. Момироски

















