Вечерва, во рамките на фестивалот „Охридско лето“ ќе се одржи концерт на истакнатото пијано дуо Марк Соле-Лери – Фредерик Шовел, кое во своето повеќегодишно постоење (од 1990 година) се промовира како еден од најуспешните ансамбли од ваков вид во Франција и надвор од неа, а неодамна стана добитник на наградата на конкурсот „Григ“ во Осло – Норвешка.


Одличната меѓународна кариера дуото Соле-Лери – Шовел ја закитува со настапи на престижните фестивали и концертни серии ширум светот.  Музичарите настапуваат и со оркестрите (” Camerata Valahica” од Букурешт и францускиот камерен оркестар ” I  Solisti Azzurri”), изведувајќи концерти за две пијана. Средбата на Соле-Лери – Шовел со кубанско-американското пијано дуо  Kirk Whipple/ Marilyn Morales во 2005 година резултираше со интересни заеднички проекти: двата состава го оформија Пијано квартетот на Обединети Нации (две пијана во осум раце) и одржаа концертна турнеја во Франција и САД. Во 2008 година Квартетот го сними својот прв компакт диск на Универзитетот од Мајами, Флорида.

Концертот на двајцата пијанисти ќе започне во 21 часот, а на репертоарот ќе бидат „Семирамида“ од Џ. Росини, „Пер Гинт“ – Суита бр.1 и 2, „Прелудими“ од Ф.Лист и „Рапсодија во сино“ од Џ.Гершвин.

OhridNews