Делегација на Мешовитиот парламентарен комитет – Република Северна Македонија и Европската Унија во состав Соња Мираковска, копретседавач и членовите Жаклина Лазаревска, Бајрам Кадрија, Жаклина Пешевска и Маја Морачанин, престојуваа во работна посета на Европскиот парламент во Стразбур на 14 и 15 март 2023 година каде остварија средби со европратеници во пресрет на објавувањето на Нацрт Резолуцијата на Европскиот Парламент за Република Северна Македонија за 2022 година.

На првиот ден од работната посета на Европскиот парламент во Стразбур, членовите на Делегацијата најпрво остварија одделни средби со европратеникот Тонино Пицула, координатор на Пратеничката група на социјалистите и демократите во Комисијата за надворешна политика, а потоа и со членот на МПК од страна на Европарламентот, холандскиот пратеник Тијс Ројтен.

Пратениците информираа дека процесот на скрининг е во поодмината фаза и изразија подготвеност за исполнување на сите патокази кои ќе произлезат од него.

Во однос на Нацрт-резолуцијата на известителот Илхан Ќучјук, чија првична верзија беше објавена, беше оценето дека таа на објективен начин искажува пофалби, но ги нотира и областите во кој е потребен напредок, односно содржи укажувањата за следните чекори кои треба да ги преземе државата. Од наша страна беше изразена надеж дека и во финалната верзија, по амандманската расправа, Резолуцијата ќе ги отсликува реалните состојби во земјата. Беше изразено жалење што земјата до сега потроши многу енегргија на решавање на политички билатерални прашања, наместо целосно да се фокусира на реформскиот процес.

Европратениците изразија уверување дека финалниот документ, како и до сега, ќе  ја даде безрезервната поддршка од страна на Европскиот парламент. Во размената на мислења, европратеникот Тонино Пицула ги сподели искуствата на Хрватска која мораше да надмине сериозни предизвици за да стане полноправна членка на Унијата. Како известител на Комисијата за надворешна политика за ЕУ Стратегијата на проширување, Пицула ја нагласи потребата проширувањето да остане високо на агендата, но зборуваше и за сѐ поизразената потреба на менување на принципот на донесување одлуки со консензус и негово задржување единствено при одлучувањето за влез во ЕУ,  а одлучувањето со квалификувано мнозинство да се применува во текот на останатите чекори при отворање и затворање на кластерите и поединечните поглавја, велат во соопштението од Собранието.

Тијс Реутен истакна дека е во тимот што сака да ја види Република Северна Македонија во Европската Унија и дека како европратеник е подготвен да учествува во активности преку кои на пошироката јавност во земјата ќе ѝ ги предочи предносите на полноправното членство. Како што истакна, за него Северна Македонија е веќе членка на семејството, потребно е само тоа да се финализира.

Делегацијата на Собранието се сретна и со учесниците во Жан Моне Дијалогот, пратениците Марион Валсман и Илхан Ќучјук. Во размената на мислења, беше нагласена пoтребата од постигнување конечен договор меѓу сите политички партии во Собранието на текстот на новиот Деловник кој има за цел да ја подобри ефикасноста на Собранието. Притоа, двете страни изразија подготвеност да ја интензивираат соработката со цел финализирање на процесот до крајот на мандатот во двата парламенти, се наведува во соопштението.

Во текот на вториот ден од работната посета на Европскиот парламент Делегацијата оствари средби со Стелиос Кулоглу, известител во сенка  за Република Северна Македонија во Комисијата за надворешна политика од Европската обединета левица, потоа со Матијаж Немец, исто така известител во сенка од групата на Социјалистите и демократите, како и со претседателот на Комисијата за надворешни работи во Европскиот парламент и потпретстедател на Европските народни партии, Дејвид Мекалистер.

Грчкиот европратеник Кулоглу искажа целосна поддршка за кандидатурата на Северна Македонија во ЕУ, дотолку повеќе што, како што истакна, доаѓа од Сириза, партијата која го имплементира Преспанскиот договор. Подвлече дека Нацрт-резолуцијата на известителот Ќучјук, оваа година е поконцизна и нотира напредок во многу области и иако останува уште работа, земјата има најдобро досие и поради тоа заслужува подобар третман. Кулоглу нагласи дека треба да се следи примерот со Преспанскиот договор и на тој начин со добра волја да се надминат пречките кои стојат на патот за напредок во евроитегративниот процес на државата, се вели во соопштението.

Матијаж Немец истакна дека е ангажиран во работата на евроинтеграцијата на Северна Македонија, дека во контекст на геостратешките околности вистинско време е земјата да направи пробив, а притоа се осврна на бенефитите од продолжување на процесот на преговорите за трансформација на општеството. Заедничка беше констатацијата дека побрзото исполнување на критериумите за членство на Северна Македонија ќе ѝ овозможи побрза интеграција во Унијата, а тоа го поддржуваат големо мнозинство од европратениците.

На средбата со Дејвид Мекалистер беше нагласено дека партнерскиот однос и поддршката од Европскиот парламент ќе продолжат во сите наредни фази на евроинтегративниот процес и беше изразена надеж дека по завршувањето на скрининг процесот, Северна Македонија ќе продолжи со отворање на преговорите по кластери. Беше поздравен фактот што државата се придружи кон сите осуди, санкции и рестриктивни мерки поврзани со руската агресија врз Украина и постигна целосна усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата. Во однос на Нацрт-резолуцијата, Мекалистер информираше дека вообичаено европратениците доставуваат голем број амандмани, а од наша страна беше изразена надеж дека конечниот текст на резолуцијата ќе биде објективен, се додава во соопштението од Собранието.

Имено, првиот нацрт на Резолуцијата за Северна Македонија на известителот Илхан Ќјучук ќе се разгледува во Комисијата за надворешна политика на крајот на март, за неа ќе се гласа во Комисијата на крајот на мај а на пленарна седница на Европскиот парламент се очекува да се најде на средината на јуни.

OhridNews