Пратеникот од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој воедно е шеф на македонската делегација во Парламентарното собрание (ПС) на Совет на Европа, е избран за член на ад-хок комисијата на споменатото тело за набљудување на претстојните претседателски избори во Азербејџан кои ќе се одржат на 9-ти октомври оваа година, а ад- хок комисијата ќе биде во мисија од 6-ти до 11-ти октомври.

„Пратеникот Николоски е избран како претставник на најголемата парламентарна група во Парламентарното собрани на Советот на Европа- групата на Европската народна партија (ЕПП). Би сакале истовремено да нагласиме и дека пратеникот Николоски беше дел од ад- хок комисијата за набљудување на парламентарните избори во Бугарија во мај оваа година, што е прв пат во нашата парламентарна историја во иста година еден пратеник да е избран во две мисии за мониторинг на избори определени од ПС на Советот на Европа, што за држава како Македонија претставува своевиден парламентарен и дипломатски успех”, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Целта на ад- хок комисијата за мониторинг на претседателските избори во Азербејџан е да обезбеди фер, компетитивни, демократски и слободни избори на кои граѓаните ќе можат слободно да ја искажат својата волја. Ах- хок комисијата врз основа на теренските активности кои ги има пред изборите на денот на гласање и во пост изборниот период, изготвува извештај кој се усвојува од страна на ПС на Советот на Европа и преставува основа за ценење на демократскиот капацитет на секоја земја која е под мониторинг.

„Учеството во ваква мониторинг мисија покрај меѓународно претставување на земјата, особено е значајно и за користење на искуства за подобрување и унапредување и на нашето законодавство и практики за спроведување на избори, каде досега Македонија има низа позитивни оцени”, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.

OhridNews

извор: Макфакс