Дел од реформските закони од правосудството денеска ќе се најдат пред пратениците. Во Собранието се закажани четири пленарни седници и повеќе комисии. Според агендатата, на 22-та седница има една заостаната точка – измени и дополнувања на законот за заштита на сведоци, по скратена постапка. Веднаш потоа следува 34-тата седница со една точка на дневен ред – реформскиот закон за судовите, а на 35-та се дополнувањата на законот за јавното обвинителство и законот за кривична постапка, во второ читање.

За денеска е закажана и 41 седница на која прва точка е предлог законот за изменување и дополнување за законот за оружје, со европско знаменце.

Утре се очекува да се одржи седница за гласање доверба на Владата, откако завчера опозицијата го достави барањето до Собранието. Ова според ВМРО-ДПМНЕ беше еден од мотивите за враќање на опозицијата во Собранието. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека очекува да се изгласа недоверба на Владата и да се организираат предвремени парламентарни избори.