Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ потврдија дека нема да учествуваат во парламентарните тела и заседанија посочувајќи дека во ситуација кога шестмина нивни колеги се во притвор нема соодветни услови за тие да партиципираат во работата на Собранието.
– Во моментов СДСМ е владејачко мнозинство и тие имаат должност да ги обезбедат сите услови за непречено функционирање на Парламентот. Сметам дека во овој момент кога 12 отсто од нашата пратеничка група односно шест пратеници се во притвор нема соодветни услови за ние соодветно да партиципираме во работата на Парламентот, изјави на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Горан Манојлоски одговарајќи на прашање дали ќе учествуваат на денешната расправа за законот за јазици за кој имаат поднесено осумдесетина амандмани.
Манојловски кажа дека според нивните неофицијални информации пратеникот Крсто Мукоски, кој е во притвор, веќе една недела штрајкува со глад и неговата состојба не е добра и оти за ова и за кршењето на човековите права на лицата засегнати во настаните од 27 април ги информирале претставниците на меѓународната заедница со кои имале средба деновиве.
– Денеска имавме средба со политичкиот претставник за правни работи на ОБСЕ, Џеф Били каде што директно го запознавме и му укажавме за нашите забелешки околу кршењето на човековите права на сите лица кои што се засегнати и обвинети околу настаните за 27-ми април, рече Манојловски.
Одлуката на судот со која се потврдуваат притворите за пратениците е срамна и доказ за политички прогон на политичките неистомисленици на власта, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму наведуваат дека и најавата за меѓународна истргага за терористите од Диво Насеље, кои убија 8 припадници на макеоднската полиција во момент кога се обвинуваат за тероризам актери, уметници и режисери е срамна, пренесува „Макфакс“.
„Хунтата врши политички прогон. Секој политички неистомисленик е ставен на тапет на институциите под контрола на власта. СДС како во времето на комунизмот се пресметува со искрените патриоти и родољуби. Десетици граѓани, меѓу кои актери, режисери, уметници и полицајци без никаков основ се ставени во притвор, во целосно монтиран случај. На удар е секој кој си ја сака државата. Искрените патриоти се обвинуваат и се ставаат во затвор, а од затвор се пуштаат убијци и се подготвува закон за амнестија за стотина криминалци, сторители на тешки кривични дела“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ова кршење на законот, велат од партијата, изживување врз недолжни луѓе и газење на демократијата, ќе остане запаметено во македонската и светска историја како насилничко владеење на една хунта која ја зароби Република Македонија и нејзините институции, во 21 век, во срцето на Европа.
OhridNews