Правилното укажување на прва помош и реанимацијата се најважна алка за намалување на ризикот од компликации кај жртвите. Секоја година умираат луѓе или искусуваат повреди од компликации кои не се навремено третирани или пак не се адекватно третирани. Затоа е важно сите да знаат како да укажат прва помош на повредено лице и тоа да се учи уште од најмлади години бидејќи има многу ситуации каде доколку би била укажана прва помош на правиот начин тогаш не би дошло до толку тешки повреди, не би дошло до настрадани лица и нормално ќе имаат поголема шанса да преживеат , вели Анастасија Стојаноска од Црвен крст Охрид.
Меѓународната федерација на Црвен крст и Црвената полумесечина на овогодинешното одбележување на светскиот ден на прва помош ставаат акцент на децата како најважни провајдери на прва помош коишто од најмали години би научиле како да реагираат при вакви повреди и ситуации, а тоа најдобро би се постигнало доколку се воведе првата помош во наставата уште од најрана возраст и оваа година се водиме според мотото „Биди херој во твоето училиште“, вели Стојаноска.
Најзаинтересирани да се обучат за укажување на прва помош се помладата генерација. Волонтерите на Црвен крст Охрид преку разни активности се трудат да ја поткренат свеста кај граѓаните за тоа дека правилното укажување на прва помош може да спаси живот.
Има голема заинтересираност кај граѓаните за да се обучат за прва помош но тоа е најчесто во младата популација, најчесто лицата од 14 до 20 години се свесни за тоа, додека пак постарите не обрнуваат многу внимание , додава Стојаноска.
Светскиот ден на Прва помош во Охрид денес беше одбележан со демонстрација на прва помош, односно укажување на прва помош на реално прикажани повреди на актери од страна на волонтерите на Црвен крст Охрид кои на заинтересираните граѓани преку симулации на реални ситуации им презентираа како би требало да постапат во таква ситуација. Стојаноска додаде дека ќе следат уште активности во наредниот период, а во втората половина од септември ќе се одржи обука за прва помош за наставниот кадар во училиштата.
Црвениот крст Охрид брои 30 волонтери кои се обучени за прва помош и во текот на целата година ги обезбедуваат спортските и културни настани во нашиот град.
K.A














