Градските власти и бројни делегации на институции, партии и на градови од странство со кои Охрид има соработка се поклонија пред споменикот на заштитникот на Охрид Св. Климент Охридски.

 


Како ретко кога овој празник ги сплоти сите охриѓани, и токму затоа овој ден е посебно значаен за градот.

– Овој празник е посебен за охриѓани и сигурно не сплотува. Сите дојдоа да одадат почит без оглед на партиски и на национални бои, истакна Душко Јаковчески, претседател на Советот на општина Охрид.


По повод празникот се одржаа бројни промоции, изложби, спортски и хуманитарни активности, а во употреба беа пуштени и реновирани објекти и паркови.

Чествувањата ќе бидат заокружени со свечената академија на која ќе биде врачено и највисокото општинско признание – Наградата за животно дело Св. Климент Охридски, која годинава му припадна на поетот Славе Ѓорго Димоски.

-Голема е честа што  ми се дава оваа награда како поет. Делото на Св. Климент недвојбено е врзано за писмото. Ние сме претставници на мал народ чиј јазик е засегнат од интернационалниот лексички дожд, па остана само уште поезијата да биде чувар на јазикот. – рече Славе Ѓорго Димоски- добитник на Св. Климентовата награда за животно дело.

Светиклиментови повелби оваа година добија Радио Охрид и претседателот на пензионерите Ѓорги Трпчески,  а постхумно ова признаие му се доделува и на естрадниот уметник Секула Пупиноски.

OhridNews