Вчера во КИЦ „Култура 365“ беше претставено дел од творештвото на охридскиот писател Антонио Танески.

Пред присутните, меѓу кои членови на Литературниот клуб Охрид, семејството на авторот, како и ученици од основните училишта „Св. Климент Охридски“ и „Кочо Рацин“, м-р Лидија Размоска се осврна на поетските книги „Кавга“ и „Мракот ве гони“.

Основен мотив на Танески во неговата прва книга „Кавга“ претставува мигот. Неговата минливост и моќ за преобразување во вечност. Како игра без правила, како неосознаена убавина што неосетно го определува кружното враќање. Овде, или каде било, љубовта е единствената движечка сила што поместува планини. Сјајната мајсторска игра на речта, предвидува откривање на подзаборавените тајни во секого од нас. Поезијата го испраќа импулсот што го генерира чувството од кое затреперува срцето и заради кое, повторно се враќаме на изворот. Според него, се она што има свој почеток има свој крај, кој повторно е нов почеток. Таквата филозофија на живот, го претвора апстрактното во конкретно, преку длабока преобразба.“ – истакна Размоска.

Говорејќи за силните емоции во третата поетска книга на Танески со наслов „Мракот ве гони“, Размоска истакна дека авторот преку стиховите ги најавува своите чувствва и сеќавање кои не биле напишани.

Третата книга е концепирана како поема. Стиховите се надоврзуваат еден на друг, според својата последователност, но и по значење. Го започнува своето пеење со констатација за сеќавањето, за чувствата кои не биле напишани, за потоа, преку стих да го објасни моментот што го чувствува. Авторот асоцира на слепилото во општеството, на живеењето за сопствени интереси, каде што патокази не се потребни, затоа што секој си одмерува според сопствените согледување и интереси.“ – потенцира Размоска.

Антонио Танески роден е во 1949 година. Пишувал поезија, книжевни критики и есеи, а свои дела објавувал во македонската книжевна периодика. Преведуван е на српски и турски јазик. Автор е на стихозбирките: „Кавга“ (1990), „Несоници“ (1994) и „Мракот ве гони“ (1996).

Од КИЦ „Култура 365“ најавуваат уште вакви литературни средби, кои имаат за цел да ги извадат од заборав сите охридски поети и пистали.

O.T.